1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Израел нападна ирански единици во Сирија

СН/ агенции
21 јануари 2019

Воздушните напади врз воени цели во Сирија, Израел ретко официјално ги потврдува. Но, одеднаш земјата се покажува невообичаено комуникативна. Најновите напади биле насочени врз позиции на иранските бригади Ал-Кудс.

https://p.dw.com/p/3Bssq
Israel Kampfjet der syrische Luftwaffe auf den Golan Höhen
Фотографија: Reuters/R. Zvulun

Израелските воздухопловни сили во текот на ноќта бомбардираа бројни ирански цели во соседна Сирија. Според различни извештаи, во бомбардирањето загинале најмалку 11 лица. Ова е најсериозен израелски воздушен напад во Сирија досега, објави израелската телевизија. Бомбардирањето било реакција на  ракетниот напад на иранските бригади Ал-Кудс врз Голанската висорамнина, под окупација на Израел.

Складишта за оружје на бригадите на Ал-Кудс

Израелските сили објавија дека нападнати биле цели поврзани со бригадите на Ал-Кудс и со сириската армија. Меѓу нив биле неколку складишта за оружје и објект на меѓународниот аеродром Дамаск, како и цел поврзана со иранската разузнавачка служба и ирански камп за обука. Бригадите на Ал-Кудс се елитна единица на Иранската револуционерна гарда и главно се користат за ангажмани во странство.

Во неделата израелската ракетна одбрана пресретнала проектил истрелан од бригадите Ал-Кудс врз Голанската висорамнина. Израелски посетители на скијачкиот центар Хермон сведочеа за инцидентот. Денеска центарот треба да остане затворен, со оглед на напрегнатата ситуација. Претходно, израелските борбени авиони испукаа повеќе проектили врз аеродромот во Дамаск, кои, меѓутоа, биле пресретнати од страна на сириската противвоздушна одбрана.

Повеќе на темата:

-Иран демантира напади врз Израел

-Израел нападна ирански позиции во Сирија

Според државната сириска новинска агенција Сана, противвоздушната одбрана исто така била активна и во текот на ноќта. Израелските вооружени сили соопштија дека Сирија испукала десетици противвоздушни проектили, и покрај „јасните предупредувања од израелска страна да се воздржи од таков оган“. Како одговор, израелските воздухопловни сили, исто така, нападнаа неколку одбранбени батерии на сириските вооружени сили.