1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел доби нов претседател - Реувен Ривлин

Александар Методијев/афп/дпа10 јуни 2014

Реувен Ривлин, член на крајнодесничарската владејачка израелска партија Ликуд, денеска е избран во националниот парламент за 10-ти претседател на Израел. Тој ќе го наследи Шимон Перес во јули.

https://p.dw.com/p/1CFSC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Резултатите од гласањето ги објави претседателот на Кнесетот, Јили Еделштајн. Тој рече дека Ривлин го победил конкурентот Меир Шетрит со 63 наспрема 53 гласа. Израелскиот претседател беше избран во втор круг тајно гласање на 120-те парламентарци.

Ривлин е член на партијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху и е противник на двостраното решение на конфликтот на Блискиот Исток. Седумдесет и четири годишниот Ривлин ја поддржува соработката со Арапите и се противи на создавање палестинска држава на Западниот Брег и во Појасот Газа.

Победникот во претседателската трка беше во конфликт со Нетанјаху, иако и двајцата се членови на иста партија. Сепак, Нетанјаху му ја честиташе победата на Ривлин и изјави дека очекува да има блиска соработка со избраниот претседател, чија позиција во голем дел е од церемонијален карактер, но има одредена моќ, на пример, во помилувањето на криминалците и назначување на премиер по изборите.

Ривлин ќе го наследи 90-годишниот Шимон Перес, кој е на претседателската позиција од 2007. година, кога го замени Моше Кацав, кој беше обвинет за силување. Со заминувањето од претседателската позиција Перес, добитникот на Нобеловата награда за мир, за првпат по повеќе децении ќе остане без официјална работа во Израел, иако многумина сметаат дека тој, и покрај возраста, сепак ќе продолжи со неговата политичка работа.