1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел го прогласи примирјето за неуспешно

ЕМФ/афп/дпа/ард1 август 2014

Само неколку часа по почетокот на примирјето кое требаше да трае три дена, Израел соопшти дека прекинот на огнот е завршен. За прекинот на примирјето Израел и Палестинците се обвинуваат меѓусебно.

https://p.dw.com/p/1CnQi
Фотографија: Reuters

Прекинот на огнот заврши, соопшти портпаролот на израелската армија Петер Лернер попладнево (1.08). Примирјето, кое требаше да трае 72 часа, требаше да им овозможи на луѓето во Појасот Газа да ги закопаат загинатите, да се погрижат за ранетите и да се поправат штетите на установите. Истовремено, прекинот на огнот требаше да овозможи време за преговори во Каиро околу траен прекин на огнот.

Сепак, само неколку часа по почетокот на примирјето, израелската армија гаѓаше цели во Рафах со артилерија. Локалните спасувачки екипи јавуваат дека во нападите загинале 35 луѓе, а повредени се околу 150. Хамас, пак, од своја страна повторно истрела ракети и гранати врз јужниот дел од Израел.

Gaza Israel Krieg Angriff 1. August
Од почетокот на нападите досега загинаа околу 1500 Палестинци и 61 израелски војник, како и тројца израелски цивилиФотографија: picture-alliance/dpa

Израелската армија соопшти и дека на југот на Појасот Газа се трага по исчезнат војник, кој најверојатно е фатен од милитантни Палестинци. Има укажувања дека 23-годишниот поручник Хадар Голдин „е киднапиран од терористи“ за време на акцијата на уништување на тунелите на Хамас, соопшти израелската армија. Портпарол на Исламски Џихад изјави дека египетската влада ги информирала оти Израел ги одложил најавените преговори за траен прекин на огнот поради наводното киднапирање.

Посредникот на ОН Роберт Сери соопшти дека Израел го информирал за „тешкиот инцидент“. Последен израелски војник кој беше заробен од страна на Хамас и преку тунел беше пренесен во Појасот Газа, беше Гилад Шалит во 2006 година. Тој беше ослободен дури по пет години во замена за повеќе од илјада палестински затвореници.