1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израелската копнена офанзива во Газа во полн ек

БГ/афп/миа18 јули 2014

Израелските трупи поддржани со воени авиони и тенкови навлегоа во Појасот Газа, во операција која има за цел да ги сопре ракетните напади и да ги уништи тунелите на Хамас.

https://p.dw.com/p/1CepS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Израелската копнена воена операција во Појасот Газа од синоќа е во полн ек. Армијата го бомбардира појасот од воздух и од море, како и од тенковите кои се стационирани покрај границата. Бројот на жртвите меѓу Палестинците продолжи да расте и достигна 260 луѓе од почетокот на нападите пред 11 дена. Израел денеска потврди дека еден војник загинал во борбите со припадниците на Хамас, додека меѓу 19-те загинати Палестинци има и едно петмесечно бебе.

Палестинското радикално исламистичко движење Хамас преку свој портпарол соопшти дека израелската копнена операција во Појасот Газа ќе има ужасни последици и се закани дека Израел ќе плати висока цена за таквиот непромислен чекор.

Gazastreifen Opferzahl nimmt zu
Жртва на борбите во ГазаФотографија: AFP/Getty Images

Израелската армија објави дека операцијата во Појасот Газа нема за цел да го собори од власт Хамас, туку да нанесе удар на „инфраструктурата“ и да се заштити цивилното израелско население. Во соопштението на канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се наведува дека цел на операцијата на израелската армија во Појасот Газа е да се уништат подземните тунели, што ги користат вооружени групи за влез на израелска територија. Целта на втората, копнена фаза на операцијата е да се нанесе удар на арсеналот на Хамас и објектите што се користат за истрелување ракети кон територијата на Израел.

Во соопштението се наведува дека во копнената офанзива учествуваат пешадиски единици, тенкови, инженерски единици, артилерија и разузнавачки единици, кои дејствуваат со поддршка од воздух и море. Израелската армија побарала од владата да дозволи дополнителна мобилизација на 18 илјади резервисти за проширување на копнената операција.