1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Излезот на Грција од еврозоната не е цел на владата во Берлин

С. Шулц/Б. Георгиевски6 јануари 2015

Излезот на Грција од еврозоната е последното сценарио кое било кој во ЕУ го посакува, смета австрискиот европратеник Мишел Реимон. Грција нема друго средство за пазарење освен заканата дека нема да ги плаќа долговите.

https://p.dw.com/p/1EFEu
Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Еврозоната без Грција. Колку е реално таквото сценарио?

Реимон: Мислам дека е тоа последното сценарио кон кое тежнее било кој од ЕУ. Она што сега го доживуваме е партија покер на високо ниво. Алексис Ципрас, лидерот на Сизира и кандидат на изборите, сака да преговара за должничката политика во рамките на ЕУ, за мерката за штедење на кои е принудена Грција. Тој нема друго средство за притисок освен заканата дека Грција ќе престане да ги плаќа своите долгови. Владата во Берлин не го сака тоа и затоа вложува во блеф и порачува: 'Во ред, ако се закануваш тогаш напушти ја еврозоната'“.

Но, нели е токму тоа разликата во позициите на двете страни? Ципрас во рацете нема никакво средство за притисок, а германската влада го има.

Реимон: Тој има средство за притисок. Тоа е одбивањето да се плаќаат ратите за кредит. Тоа секако би било фатална опција. Тоа го знаат и Грците, го знае и Ципрас. Тој не сака да дојде до тоа и токму затоа германското министерство за финансии се спротивставува на тој притисок. Забележливо е дека од страна на германската влада, во прв ред од прворангираните политичари како канцеларката Меркел или министерот за финансии Шојбле нема директни реакции на информациите од последните денови. Во извештајот Шпигел се повикува на информации од „кругови блиски до германската влада“. Затоа навистина верувам дека се работи за блеф и дека излегувањето на Грција од еврозоната не е вистинска цел на владата во Берлин.

Грција има долгови во висина на 175 проценти од БДП. Постои ли алтернатива за штедењето?

Реимон: Секако. Во цела Европа има богатство во изобилие. Во Европа во моментот исклучително се намалуваат трошоците. Тоа го погодува пазарот на трудот во сите европски држави. Само не во Германија затоа што таа е светски првак во извоз, а и во рамките на ЕУ има позитивен увозно-извозен биланс. Во мнозинството други држави тој курс на штедење е фатален. Она што ни е потребно е прераспределба на добрата, растеретување на најсиромашните со цел во тој сегмент да се зголеми потрошувачката. Постои таа можност, но неа ја спречува германската влада.

Сепак, Грција се уште не успеа да воспостави функционален даночен систем, што исто така е барање на ЕУ. Има ли алтернативи освен да се каже- сторете го тоа!

Реимон: Не. Грција не може да биде ослободена од нејзиниот дел од одговорноста за неволјата во која се најде. Но не се работи за тоа. Секако дека Грција мора да воспостави ефикасен даночен систем. Но, тоа е пропуст кој не може да му се припише на Ципрас. Тој досега не бил на власт ниту една минута, на власт беа конзервативците и социјалистите. Нему треба да му се даде шанса да го стори тоа. Верувам дека тоа е една од подобрите традиции на Европа, а тоа е никој во пресрет на изборите да не се меша во внатрешната политика на друга земја. Таа традиција сега се гази.

Europawahl Griechenland Alexis Tsipras 22.05.2014
Алексис ЦипрасФотографија: Reuters

Што ќе се случи доколку Ципрас биде избран? Може ли да се случи доколку биде избран да попушти?

Реимон: Уверен сум во тоа дека ќе попушти, дека ќе се откаже од своите максималистички барања. Уште еднаш- тој повтори дека сака Грција да остане во еврозоната. Тоа е дел од неговата предизборната кампања. Тој сака олеснувања во програмата на мерките за штедење. Тој сака пониски камати. Тој сака дозвола повторно да ја воведе минималната плата. Доколку му се излезе во пресрет, и тој ќе се откаже од максималистичките закани, бидејќи и тој не сака да ги спроведе. Верувам дека компромисот е можен и тоа компромис во согласност со неолибералната стопанска политика на Европа. Сето тоа не мора да значи катастрофа за Европа. Напротив, ова би можело да доведе до вртење на грбот на една целосно погрешна стопанска политика и политика на штедење која беше водена последниве години.

Зошто сте уверени во тоа? За реализирање на предизборните ветувања на Ципрас потребни се дополнителни 10 милијарди евра. Од каде ќе дојдат тие пари? Од Европа?

Реимон: Не се работи за тоа дека со пари од Европа се финансираат изборни ветувања. Се работи за тоа дека тие мораат да ги враќаат долговите, меѓу другите и кон ЕУ. Треба да им излеземе во пресрет бидејќи мораме да го поттикнеме пазарот во Грција. Невработеноста меѓу младите таму изнесува 50 проценти. Можеме да инсистираме на продолжување на курсот на штедење, но во таков случај инсистираме и на невработеност на младите. Затоа треба да им се дозволи да трошат повеќе пари. Па ни Германија по Втората светска војна не ги врати сите долгови, не ја исплати сета воена одштета, туку и беше овозможено да инвестира во своето стопанство. Таа можност сега треба да им се даде и на Грците. Доколку не ја зголемиме внатрешната потрошувачка во Грција, тогаш таа земја и нејзиното стопанство засекогаш ќе останат на колена.

Мишел Реимон е пратеник на австриската партија на Зелените во Европскиот парламент