Избори кои никого не го интересираат
14 април 2013Општоприфатено мислење е дека хрватските граѓани во голема мерка нема да го искористат своето право на глас, без разлика дали поради политичка неписменост или општествена апатија предизвикана од повеќегодишната криза.
Претседателот на државата Иво Јосиповиќ вели дека различни фактори ќе влијаат на излезноста на гласачките места. Водејќи се од примерите на други земји, тој очекува пониска излезност во споредба со парламентарните избори, на кои гласаа 54 отсто од граѓаните.
„Мислам дека, како што ќе јакнат европските институции и како што ќе јакне нивното непосредно влијание врз нашите животи, така ќе расте и бројот на оние кои ќе учествуваат на европските избори“, вели Јосиповиќ за ДВ.
Политологот Берто Шалај проблемот го гледа во општата политичка (не)писменост на граѓаните. Тој смета дека граѓаните немаат доволно сознанија за политичките процеси и не се подготвени активно да се вклучат во нив.
„Некои истражувања јасно покажуваат дека таа писменост во поглед на ЕУ е уште пониска“, вели Шалај, кој смета дека граѓаните воопшто и немале можност да се запознаат со сите аспекти на политичкото делување на ЕУ.
Граѓанските организации во неколку наврати изразија незадоволство со медиумското следење на кампањата, кое не само што било лошо, туку воопшто не ги информирало граѓаните за програмите на кандидатите.
„Кампањата делува тажно“, изјави претседателката на Куќата за човекови права Сања Сарнавка.
Кратка кампања, скапи избори
И Шалај забележува дека постои расчекор меѓу тврдењата на политичарите дека европските избори се важни и нивниот труд да ги едуцираат граѓаните. На европските избори, смета Шалај, граѓаните гледаат од призмата на бриселските плати кои ќе ги добијат среќните 12-мина.
„Ние ним треба да им го дадеме нашиот глас за тие да добијат плата од осум илјади евра. А што имаме ние од тоа? Ништо!“, така според Шалај размислува просечниот хрватски граѓанин.
„И за партиите ова е процес на учење. Но ми пречи тоа што сите сме декларативно за ЕУ, но кога ќе дојде до конкретен проблем, тогаш се обидуваме тоа да го забрзаме како формалност која треба да се одработи за да се занимаваме со конкретни прашања“, вели Шалај.
Критики беа упатени и на сметка на претседателот Јосиповиќ. Од една страна му се забележува што прерано ги свикал изборите, а од друга, опозицијата бараше изборите за ЕУ парламентот да се одржат паралелно со локалните избори. Но, Јосиповиќ вели дека одлуката ја донесол водејќи се од законот и од европската идеја, а не со партиските калкулации. Се работи за први европски избори и важно е тие да бидат одвоени, бидејќи политичката пракса е таква што, локалните избори за многу партии се поважни од европските.
„Би рекол, можеби и претенциозно, дека одлуката за раздвојување на изборите е многу европска одлука“, одговара Јосиповиќ на критиките.