Идризово се надева на Иванов
2 мај 2016Отиде ли Иванов предалеку со амнестијата?, се прашува Ноје Цирхер Цајтунг во коментарот посветен на случувањата во Македонија, потпишан од дописникот на Балканот, Андреас Ернст.
„Во секој случај, не се работи за класична амнестија затоа што политичарите сѐ уште не беа ни осудени. Но три специјални обвинителки им се зад петиците. Тие истражуваат изборни измами, злоупотреби и други злодела, услови кои мора да ги исполни секој политичар кој сака да се збогати во сиромашна земја како Македонија“.
Освен масовните протести на граѓаните, НЦЦ ги нотира и „недипломатски јасните барања од Вашингтон и Брисел да се укине амнестијата“.
„За првпат по црните години на владеењето на Милошевиќ, Западот и се заканува на една балканска земја со санкции. Македонија притоа е на пат да го уништи и онака слабото владеење на правото“.
„Но во затворот Идризово, познатиот казнено-поправен дом во Скопје, благодарение на амнестијата се раѓа надеж. Кога претседателот Ѓорге Иванов е толку милозлив па го амнестираше врвот на државниот организиран криминал- зошто да не нѐ амнестира и нас? Ова прашање му го поставија 105 жени затворенички на шефот на државата и побараа амнестија. Но, наидоа на погрешна адреса. 'Оној кој сторил грешка во животот', информираше строгиот татко на нацијата, 'ќе мора да си ја преземе одговорноста и да ја отслужи казната'.
Амнестијата за 56-те политичари не може да се споредува со барањата на 105 осудени жени, смета претседателот. Актот на милост кон политичарите е издвоен случај за 'општо добро на граѓаните'. Непомирливите жени од Идризово сега се закануваат со штрајк со глад“, пишува авторот Андреас Ернст во НЦЦ.
Украинизација на Македонија
Македонија во актуелната политичка криза осцилира меѓу Западот и Истокот, анализира виенскиот Дер Стандард.
„Не само внатрешно-политички туку и геополитички Македонија е во состојба на неизвесност. Грчкото вето за влез во НАТО и ЕУ поради спорот за името предизвика осцилации во земјата меѓу западните и источните интереси.
Русија го поддржува ставот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за избори на 5 јуни. ЕУ и САД сакаат да ги одложат изборите. Тоа ќе се случи и затоа што опозициските социјалдемократи можат да го спречат потпишувањето на избирачките листи во Изборната комисија.
САД традиционално во регионот ги поддржуваат Албанците. (...) Најголемата албанска партија ДУИ оттука е нешто како партнер на Западот во Владата. Но, откако претседателот Иванов прогласи амнестија за политичарите осомничени за корупција, ДУИ стана одлучувачки фактор. Западот сега сака партијата да ја напушти коалицијата со ВМРО“.
Според весникот, повеќе од јасна е спротивставената позиција на ЕУ и САД од една и Русија, од друга страна во македонската политичка криза. „Во Македонија повеќе не се работи само за изборниот термин или пак за иднината на партиите, туку и за сфери на влијание“.
Иванов на линија со Москва
Во тој контекст, Стандард препознава и блискост во ставовите меѓу водечките политичари и одредени земји.
(...) Откако ОБСЕ сигнализираше поддршка за граѓанското општество, рускиот амбасадор протестираше кај Генералниот секретар (на ОБСЕ, н.з.) Рускиот наратив за „манипулација однадвор“ многу силно потсетува на реториката на претседателот (Иванов, н.з.). Во својот говор до „граѓаните“ во врска со амнестијата, Иванов тврдеше дека кризата била креирана од некој друг“.
(...) „Иванов и во говор во јануари го критикуваше мешањето на странските амбасади, кои најпрво ја предизвикале кризата, а потоа се претставиле како решение за неа, откако формирале илегално јавно обвинителство. Очигледно е дека нему одамна интервенцијата на Западот му е трн во око. Тој притоа смета дека Договорот од Пржино во кој посредуваше ЕУ-комесарот Јоханес Хан само ги зголемил тензиите.
Можат да се очекуваат и натамошни шаховски потези. Може да се случи и основањето на Специјалното јавно обвинителство кое е поддржано од ЕУ, да биде укинато од Уставниот суд“, пишува Стандард.