1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Ќе го свикам Советот за безбедност кога ќе почувствувам дека има потреба

11 март 2012

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов оцени дека надлежните институции во земјата ги преземаат сите активности во нивна надлежност околу инцидентите што се случија во Скопје и други градови во Македонија.

https://p.dw.com/p/14J10
Ѓорге Иванов со апел за одговорно однесувањеФотографија: Petr Stojanovski

„Апелирам секој одговорно да се однесува, а кога ќе почувствувам дека има потреба ќе го свикам Советот за безбедност“, рече одговарајќи на новинарско прашање во врска со последните инциденти во земјата претседателот Ѓорге Иванов.

Тој посочи дека во неговиот Кабинет со внимание ги следат сите настани што се случија по трагичниот настан во Гостивар и оти надлежните институции дневно ги информираат за секој случај поединечно.

„Загрижува што дел од младите се вклучени во сите овие настани. Надлежните инстиции ги преземаат сите мерки, меѓутоа и секој сегмент од општеството треба да ја почувствува својата одговорност за ова што ни се случува, почнувајќи од семејството преку училиштето, невладините организации, па до медиумите. Секој треба да има своја одговорност, бидејќи знаеме што може да донесат настани кога некои млади заведени од кој било прават вакви настани кои влијаат на меѓуетничките односи во државата“, истакна Иванов.

Шефот на државата нагласи дека секој треба да ја има предвид одговорноста од можните последици од ваквите настани и да делува одговорно.

Младинскиот образовен форум апелира за соживот и толеранција

Во организација на Младинскиот образовен форум во Паркот на поезијата во Струга, околу 50-тина млади луѓе од албанска, македонска и турска националност денеска (11.03) упатија јавни пораки до младите, институциите, професорите и родителите против насилството.

Gegen Gewalt an Schulen
Младите треба да се ангажираат, да вежбаат демократија и да дејствуваат со активизам, побарано денеска во СтругаФотографија: DW

„Овој настан е еден вид мултиетничка реакција на последните тензии и појавата на насилства во земјава, од кои најмногу страдаат младите“, изјави Бранкица Затаракоска од Младинскиот образовен форум.

На собирот присуствуваа млади луѓе од Струга, Скопје, Тетово, Штип, Велес и Кичево.

„Крајно сме загрижени поради последните изливи на насилство меѓу младите и граѓаните. Наместо со физички пресметки или со апатија, како две крајности, повикуваме младите да се ангажираат и да се мобилизираат за да ги научат своите права, да ја вежбаат демократијата, да се здружат и да дејствуваат онака како што им прилега, со активизам“, рече Затаракоска.

Сметаме дека тензиите и насилствата на етничка основа само ќе ја ослабат позицијата на младите во општеството, а младите не смеат да го дозволат тоа - порачаа младите од средбата во Струга.

Автор: ЕМФ/ЖА/миа

Редактор: Ж.Ацеска