Иванов унапреден – шансите да стане претседател му се намалени!
16 февруари 2007Именувањето на досегашниот руски министер за одбрана Сергеј Иванов за прв заменик-премиер не значи предвремено решение околу наследникот на Владимир Путин како претседател на Русија, како што тоа веднаш беше протолкувано од страна на некои набљудувачи. Кој ова го толкува како политички подем на Иванов, не ги сфатил финесите на рускиот систем на власта.
Иванов беше министер за одбрана од март 2001-ва, а веќе од крајот на 2005-та година е еден од тројцата “заменици на шефот на владата”. Кревањето во ранг на “прв заменик-шеф на владата” не треба безусловно да се сфати како зголемување на моќта, дотолку повеќе што еден друг изгледен кандидат за претседателските избори во 2008-ма година, следбеникот на Путин Дмитриј Медведев, веќе од пред некое време е и сега остана во тој ранг. Русија, имено, има двајца “први” заменик-премиери. Формално, сега Иванов напредуваше до Медведев, но многу поголема тежина има што мораше да ја предаде важната функција на министер за одбрана.
Освен тоа, со наводното унапредување само маргинално се проширени компетенциите. Иванов и досега беше задолжен за координација на воено-индустрискиот комплекс. Сега, според изјавата на Путин, тоа е проширено и со неколку области од цивилната економија. Тоа не е голема добивка на моќ во споредба со губењето на функцијата министер за одбрана. Сега побргу би требало да опаѓа и вниманието на јавноста за Иванов.
Наспроти него, големо внимание ќе привлечат новиот министер за одбрана Анатолиј Сердјуков, досегашен раководител на националните даночни власти, и Сергеј Наришкин, до вчера член на претседателовиот кабинет, а сега еден од четворицата заменици на премиерот Фрадков. Тие се фактичките добитници со промените, пред се’ во воената област неискусниот Сердјуков. Тој има 43 години и е една генерација помлад од врсниците Путин и Иванов. Во секој случај, со именувањето за прв заменик-премиер и смената од министерската функција, шансите на Сергеј Иванов да го наследи Путин како претседател побргу се намалени, отколку зголемени.