1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илинденски говори: За грешките, успесите и бомбите

Ж.А./макфакс/миа2 август 2015

Челниците на македонската држава, претседателот Иванов, премиерот Груевски и претседателот на Собранието, Вељаноски, во говорите по повод Илинден повикаа на политички дијалог и надминување на политичката криза во земјата

https://p.dw.com/p/1G8ex
Фотографија: MIA

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов во обраќањето на централното чествување на „Денот на Републиката - 2 Август“ на Мечкин Камен во Крушево истакна дека Македонија денес одново се наоѓа пред нова пресвртница. Иванов порача дека нишката што ги врзува сите манифести и сите Илиндени, е повикот за единство за остварување повисока цел. Потенцирајќи дека денес Македонија одново се наоѓа пред голема пресвртница, Иванов истакна дека иако слободна, Македонија како сe‘ уште да им робува на поделбите, иако независна и суверена, решенијата за внатрешните прашања сe‘ уште ги бара надвор од неа и иако е обединета во етничката и во верската различност, сe‘ уште е политички длабоко поделена.

Разединетоста е последица и на блокираните европски и евроатлантски интеграции. Долгогодишната блокада доведе до тоа за само шест години да има три политички кризи, секоја посериозна и подлабока од претходната. И со секоја криза, сe повеќе се доведуваше во прашање остварувањето на повисоките цели, оцени Иванов.

„Врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во Европската унија. Над 80 проценти од граѓаните недвосмислено го поддржуваат членството на Македонија во НАТО и во Европската унија. Ниту една политичка партија во Република Македонија не може да добие онолку гласови колку што во моментов НАТО и ЕУ имаат свои поддржувачи. Бидејќи, за граѓаните, НАТО значи безбедност, а Европската унија значи просперитет. Заедно тие значат мир“, рече Иванов.

Тој укажа дека македонските граѓани од своите избрани претставници, и од власта и од опозицијата, очекуваат да им овозможат подобар живот во европска Македонија и потенцираше дека поради предолгото отсуство на политички дијалог постоеше сериозна опасност да се испушти од рака европската перспектива.

„Благодарни сме на ангажманот на нашите пријатели од Европската унија и САД. Нивните препораки мора да се сфатат сериозно“, рече Иванов.

Претседателот повика да се испочитува постигнатиот договор меѓу лидерите на политичките партии, констатирајќи дека е тажно, „што се доведовме во ситуација некој друг се грижи за нас повеќе од самите нас“.

Mazedonien feiert den Nationalfeiertag
Претседателот Иванов бара почитување на постигнатиот договор на политичките лидери (архивска снимка)Фотографија: MIA

„Како да не научивме дека најдобри се оние решенија кои сами ќе ги постигнеме, преку дијалог во институциите кои сами сме ги создале, и чии претставници демократски сме ги избрале. Тоа е и смислата на сувереноста. Политичката криза нe‘ потсети на нашите стратегиски цели. Но, не‘ потсети и дека со сувереноста доаѓа и одговорноста. А се однесувавме мошне неодговорно“, рече Иванов.

Груевски: Нашиот успех е и за оние кои не‘ поддржуваат и за оние кои не‘ критикуваат

Успехот на нашата генерација е успех на секој еден од нас, особено на оние кои го поддржуваат прогресот, но и на оние кои повеќе го критикуваат отколку поддржуваат. И тие многу придонесуваат во заедничкиот успех. Ова го истакна премиерот Никола Груевски во обраќањето по повод Денот на Републиката - 2 Август, пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје.

„Успехот понекогаш може да биде оспорен, но тоа е краток миг. Тоа е капка во море, тоа не може да трае. Секогаш успехот се валоризира и секогаш тој останува видлив. Го спореа и успехот на илинденците, го спореа и успехот на антифашистите, ќе го спорат и нека го спорат и нашиот успех, успехот на нашата генерација. Но, тој не може да се скрие“, рече Груевски.

Нашите дела, потенцира тој, се видливи, како и нашите реформи, проекти, политики, новите фабрики и нови работни места кои носат не само нови технологии, туку и нови перспективи, особено за младите генерации.

„Успесите во развојот на администрацијата, судските реформи, реформите и напредокот во здравството, новите можности во образованието, поддршката на иновациите и претприемништвото и бизнисот, поддршката и напредокот на земјоделството, помагањето на пензионерите, развојот на туризмот, градбата на патиштата и автопатиштата, стадионите, аеродромите, салите, училиштата, болниците, паметниците, автобусите, тракторите, се за целиот овој народ“, потенцира Груевски.

Mazedonien feiert den Nationalfeiertag
Премиерот Никола Груевски верува во реформиФотографија: MIA

Премиерот нагласи дека секоја критика поттикнува кон позитивни корекции и подобрување, особено, како што рече, ако е реална. Според премиерот, по некоја грешка имало и ќе има.

„Покажавме дека имаме доблест да признаеме грешка и да ја коригираме. Да го следиме пулсот на нашиот народ. Денес ние ја имаме одговорноста да работиме за нашиот народ и ние таа одговорност ќе ја оправдаме,“ додаде Груевски.

Премиерот соопшти дека работи, се залага за економскиот раст, зајакнување на стандардот на граѓаните, изградбата на нови капитални дела, реформите во секоја област за унапредување на стандардот, интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

„Ние знаеме дека ова го заслужуваме и оти сме способни тоа да го оствариме“, потенцира Груевски.

Вељаноски повика на соработка и дијалог на политичките партии

Македонија покажала дека има капацитет да се носи со тежината на проблемите што произлегуваат од нејзината самостојност, истакна денеска претседателот на македонското Собрание Трајко Вељановски во обраќањето на свеченоста во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце.

Вељаноски повика на соработка и дијалог меѓу политичките партии и истакна оти верува дека до крајот на летото ќе се отвори нова демократска перспектива. Не постои друг начин, како што рече, освен дијалогот за решавање и на пречката за македонските евроатлантски интеграции кои, со натамошниот развој на државата, остануваат приоритет.

Mazedonien feiert den Nationalfeiertag
Претседатет на Собранието Трајко Вељаноски (фотографија од ланската прослава на Илинден во Крушево)Фотографија: MIA

Во обраќањето Вељаноски оцени и дека македонскиот законодавен дом продолжува да биде точка која ќе генерира стабилност и демократија.

„Како претседател на Собранието, сакам и денес, како и минатата година и во годините пред неа, да подадам рака кон сите преставници на народот на Македонија. Подавам рака на дијалог, на соработка, за нов напредок околу стожерните приоритети на државата. Мораме да покажеме дека зборови за соработка изговорени на вакви големи национални денови, не се само протоколарен чин. Ниту еден проблем не е доволно голем за да не биде совладан доколку целта е Македонија. Ниту еден настан не е доволно голем доколку настапуваме со искрени намери. Ниту еден направен разговор не треба да биде пречка за да отпочне дијалогот“, рече Вељаноски.

Македонија, потенцира, е доволно силна за да може самата да ги решава проблемите. Македонија покажала дека има капацитет да се носи со тежината на проблемите што произлегуваат од нејзината самостојност.

„Да покажеме дека ги цениме советите на нашите меѓународни пријатели, но и дека имаме сила самите да разговараме и да ги решаваме проблемите. Да покажеме дека знаеме да решаваме сложени прашања користејќи ги нашите внатрешни сили и капацитети. Да покажеме дека сме држава со сите нишани! Цврсто верувам дека делата, а не зборовите се она од што зависи историската оценка за нас. Во тој дух, повикувам заедно да продолжиме да ги надоградуваме демократските основи на македонскиот законодавен дом“, рече Вељаноски.

Тој посочи дека партиите помеѓу себе се конкуренти, а не непријателски формации.Собранието, појасни, е она стожерно место кое подеднакво е отворено кон сите, независно на која политичка група и’ припаѓаат.

„Да покажеме дека нашите програмски и идеолошки разлики знаеме да ги споделуваме, негувајќи ја културата на дијалогот. Впрочем, алтернативата не е непозната за нас! Тоа е непримерниот политички конфликт, кој, за жал, го гледаа македонските граѓани. Верувам дека ќе успееме да отвориме нова демократска перспектива со завршувањето на летото. Верувам дека враќањето на опозицијата ќе даде дополнителна тежина на македонскиот Парламент“, рече Вељаноски.

Тој порача дека Парламентот е институцијата во која се вкрстуваат идеите за да се исфилтрира вистинскиот проект, а не е институцијата од каде се поткопуваат демократските темели на државата.

„Сепак, важно е, исто така, јасно да се подвлече дека демократијата подразбира цврсти институции и постоење на правда. Дека постојат закони кои се почитуваат од сите. Затоа да најдеме основа за соработка во кризата која се создаде. Да продолжиме да го гледаме заедничкиот интерес. Да продолжиме уште повеќе да водиме сметка за Македонија и за граѓаните. Доколку вака постапуваме, убеден сум дека ќе надминеме сe и ќе совладаме сe“, наведе Вељаноски.

Потенцирајќи дека границата помеѓу политичкото и етничкото во Македонија е тенка и оти секоја политичка стабилност генерира етничка стабилност, Вељаноски укажа на обврската да сев продолжи со негување добрите односи помеѓу граѓаните од сите вероисповеди и етничко потекло.