1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Пресудата на Меѓународниот суд е потврда на државната политика

5 декември 2011

Македонскиот претседател изрази задоволство од пресудата на Меѓународниот суд Слободан Чашуле оцени дека ниту една од страните нема нешто добиено или загубено. Стево Пендаровски смета дека пресудата брзо ќе се заборави.

https://p.dw.com/p/13MqS
Претседателот Ѓорге ИвановФотографија: AP

Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг дека Грција ја прекршила Времената спогодба со попречување на македонското членство во НАТО е јасна потврда и дава дополнителен меѓународен углед на државната политика на Република Македонија водена во изминатиот период, оцени македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

„Република Македонија затоа бара од Република Грција истото што го побара Меѓународниот суд на правдата, почитување и ефективна примена на Времената спогодба, како единствен документ кој ги регулира односите меѓу двете држави. Наместо да го попречува, Република Грција треба да го поддржува нашето интегрирање во меѓународните организации во согласност со Времената спогодба“, изјави шефот на државата по состанокот на државниот врв, на кој присуствуваа и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски.

Македонскиот претседател изрази задоволство од тоа што Меѓународниот суд на правдата потврдил дека Република Македонија ја нема прекршено Времената спогодба, притоа отфрлајќи ги приговорите на Грција.

Anhörung zum Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland vor Internationalem Gerichtshof in Den Haag
Од судењето во Хаг (архива)Фотографија: MIA

„Таквиот одговорен однос е трајна определба на Република Македонија. Ние и натаму целосно ќе ја почитуваме Времената спогодба. Конструктивно како и досега во добра верба ја почитуваме рамката во која се водат разговорите под покровителство на ОН и ќе учествуваме во процесот со цел изнаоѓање заемно прифатливо решение“, потенцира Иванов.

Македонски експерти: Македонија ништо не доби, Грција ништо не загуби

„Претпоставувам дека пресудата на Меѓународниот суд во Хаг е таква каква што очекуваше државниот врв. Значи, констатирано е дека Грција не била во право во 2008-ма, меѓутоа никакви други облигации за во иднина не и беа наметнати на таа држава. Но, најважната работа што државниот врв на Македонија сега мора да ја каже, да ја одговори е – што Македонија понатаму ќе прави, за да ја валоризира ваквата пресуда од Хаг. Поточно, каков политички бенефит евентуално може да очекува Македонија, затоа што доби пресуда која горе – долу е по нејзина мерка“, изјави за Дојче веле професорот Стево Пендаровски.

„Мојот впечаток е дека во Атина тензиите ќе бидат на максимално високо ниво, поради економската криза која таму ги измачува и ниту една друга тема не може да ја замени таа. Во Скопје максимум ќе се задоволиме со некоја локална прослава. Од утре па натаму и во Атина и во Скопје сета оваа работа ќе се заборави“ вели Пендаровски и додава:

„Мојата теза е дека спорот за името е далеку од приоритетите и на грчката и на македонската политичка елита од сосема различни причини во последниве две години. Не очекувам дека спорот за името ќе биде воопшто атрактивно политичко прашање во наредниве месеци. Остануваме во чекалница. Истото тоа ќе не чека и во однос на ЕУ. Мојот впечаток е дека пресудата од Хаг, за која се знаеше дека ќе ја чекаме долго, беше едноставно купување време кај нашата влада, за да се бави со внатрешно-политичката агенда“, заклучува Пендаровски.

„Правдата е задоволена, како и што очекував во овие месеци и години кога се залагав за фактот дека Времената спогодба е алатка направена да го реши имено овој спор“, коментира за Дојче веле аналитичарот Слободан Чашуле.

Slobodan Casule Aussenminister Mazedonien 2001 bis 2002
Слободан ЧашулеФотографија: AP

„Она што преостанува е да се создаде политичка волја, како во НАТО, така и во ЕУ, да и’ се укаже на Грција дека е и во нејзин интерес да ја прифати Република Македонија, со прифаќање на Времената спогодба, која сега вторпат е меѓународно верификувана, да ги почне и финализира своите интегративните процеси, а во меѓувреме, како што се обврзани со Времената спогодба, Република Македонија и Грција да продолжат со разговорите за името“, вели Чашуле.

„Но, едно е сигурно. ЕУ и НАТО можат сега да и‘ соопштат на Грција дека со Времената спогодба се откажала од блокадата на Република Македонија. Но, ова е под голем знак на прашање, бидејќи бара политичка волја на главните играчи во обете организации, а јас не сум сигурен дека таа е изградена до крај“, заклучува Чашуле.

Автор: миа/ Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска