1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Прашањето не е дали, туку кога во ЕУ и НАТО

15 декември 2011

„Македонија извојува голема дипломатска и правна победа во Хаг, која е потврда на кредибилитетот на нашата надворешна политика“, рече претседателот Ѓорге Иванов во годишното обраќање пред парламентот.

https://p.dw.com/p/13TUS
Претседателот Ѓорге Иванов рече дека повеќе нема да прифаќа извештаи без придавката „македонски“Фотографија: Petr Stojanovski

Претседателот Иванов рече и дека процесот во Хаг не бил посакуван, но македонските власти биле принидени да го започнат.

„Да бидам јасен и прецизен, овој процес не го посакувавме. Да не беше ветото во Букурешт, сe' ќе беше поинаку. Но, бевме принудени, бевме соочени со неправда, со неисполнување на договорната обврска од страна на Грција што создаваше реални последици за Република Македонија. Затоа, тужбата беше неизбежен потег“, рече Иванов во обраќањето пред претставниците на законодавната, извршната и судската власт, на верските заедници и на дипломатскиот кор во земјата.

„Обврска и одговорност на меѓународната заедница е сега да преземе сe' што е потребно за да се помести статус кво состојбата во однос на интеграциите на Република Македонија“, порача Иванов, кој побара почитување на Времената спогодба и придржување до резолуциите на ОН.

Иванов нема да прифати извештаи без придавката македонски“

Neues aus Mazedonien 2011
За претседателот Ѓорге Иванов дилемата не е дали Македонија ќе биде примена во ЕУ и НАТО, туку когаФотографија: DW

Тој упати порака до Грција дека Македонија е реалност, повторувајќи дека за идентитетот, јазикот, културата и уставот македонските власти воопшто не сакаат да разговараат.

„Затоа, поаѓајќи од изразената волја на граѓаните на Република Македонија, во иднина нема да прифатам извештај во кој македонскиот јазик и идентитет не се почитуваат“, истакна Иванов.

Во однос на евроинтеграциите, Иванов повтори дека земјата трета година добива препорака за почнување на преговорита со ЕУ, што според него претставува потврда на реформските процеси во земјата, а извештајот на Европската комисија го оцени како патоказ кој покажува на што треба да се фокусира вниманието кога станува збор за реформите. „А, неотпочнувањето на преговорите дефинитивно не е наша вина“, рече Иванов.

Оптимизам за приемот во ЕУ и НАТО

Тој верува дека на следниот Европски совет и на следниот Самит на НАТО би можела да се промени статус кво ситуацијата, доколку се покаже лидерство, храброст и визионерство.

„Ќе успееме да ги оствариме нашите стратегиски цели. Прашањето не е дали, туку кога. А, до тогаш ние самите, сплотени ќе ја создаваме нашата успешна европска и евроатлантска иднина. Ќе ги реализираме целите. Ќе имаме членство и во ЕУ и во НАТО. И таму ќе бидеме тоа што сме. Друга опција не постои“, нагласи Иванов, дополнувајќи:

„Целта ни е да бидеме пријателски и европски соседи со Грција. Тоа е благодарна цел и за нас и за Грција и за ЕУ“, нагласи Иванов, кој додаде и дека нема да се штеди во пренесувањето на македонските аргументи во светот.

Палењето на знамето нема да распали тензии

Gjorgji Ivanov Presidentschaftkandidaten der Partei VMRO DPMNE
Според оценката на претседателот Иванов, палењето на знамето нема да предизвика тензии во земјатаФотографија: MIA

„Ќе продолжам да го запознавам светот со вистината и аргументите за Македонија. Ќе продолжам да ги негувам и јакнам веќе постојните и ќе создавам нови пријателства и партнерства“, вети Иванов.

Иванов потсети и дека годинава беше одбележана една деценија од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

„Изградивме и модел кој се стреми да интегрира, а не да асимилира. Нашиот модел не е само пример во регионот, туку договор чии принципи инспирираат пошироко. Како што ние го почитуваме нашиот модел, така бараме и другите да ги почитуваат неговите принципи. Ние го браниме нашиот модел. До сите оние кои од која било причина се сомневаат во него, до сите оние кои на кој било начин сакаат да го поткопаат и да внесат раздор, јасно им порачувам не се трудете, вашиот напор е осуден на неуспех. На сите оние кои палејќи го знамето, знамето на сите граѓани на Република Македонија, ако мислат со тоа да го запалат и меѓуетничкиот соживот, сакам да им порачам, нема да успеете“, нагласи претседателот Иванов во годишното обраќање пред Собранието.

Автор: Александар Методијев / миа

Редактор: Ж.Ацеска