1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов очекува паралелни преговори со Грција и со ЕУ

БГ/макфакс/миа20 февруари 2014

Македонскиот претседател на средбата со шефот на грчката дипломатија Венизелос соопштил дека решение за спорот за името е можно само во рамките на процесот во ООН. Попоски смета дека Грција не е подготвена за решение.

https://p.dw.com/p/1BCCT
Фотографија: MIA

Овозможувањето на паралелно движење на процесот за решавање на билатералното прашање и процесот на пристапни преговори за членство во ЕУ, кој се покажува како успешна и позитивна практика, доколку се примени во нашиот случај, ќе биде од корист не само за Република Македонија, туку и за Република Грција и за целиот регион, посочил македонскиот претседател Ѓорге Иванов на средбата со шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, кој во својство на претседавач со Советот на министри на ЕУ, престојуваше во Скопје.

Македонскиот претседател на министерот Венизелос му порачал дека решение за отвореното прашање е можно само со стриктно придржување до рамката во која се води процесот во ООН, со почитување на постоечките резолуции на Советот за безбедност, Времената спогодба, меѓународното право и пресудата од Хаг“.

Иванов додал дека навлегувањето во прашањата од сферата на идентитетот и човековото достоинство не е дел од рамката и не придонесува кон напорите за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение.

Венизелос претходно во текот на денот се сретна и со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, но изостана вообичаената прес-конференција по состанокот. По средбата, Попоски оцени дека Кај Грција во моментов нема суштинска посветеност за придвижување на разговорите околу решавањето на спорот за името.

Предвидени се средби на грчкиот министер и со премиерот Никола Груевски, како и со лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети.

Педесетина демонстранти, предводени од Светскиот Македонски Конгрес, пред Владата одржаа мирен протест против посетата на грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос. Демонстрантите порачале дека Венизелос мора да го почитува правото на избор на име и држава, и да го почитува македонскиот идентитет, како и правата на македонското малцинство во Грција. Присутните грчкиот министер го прогласија и за персона нон грата.