1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Од утре нема победници и поразени, не чека работа!

Катерина Блажевска28 април 2014

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов во своето обраќање им се заблагодари на сите граѓани што излегле да гласаат и придонеле за успешен и фер изборен процес.

https://p.dw.com/p/1BpFL
Фотографија: MIA

„На овие избори победи демократијата, граѓаните, Македонија. Имавме мирни, фер и демократски избори, какви што ѝ прилегаат на европска Македонија. Им честитам на граѓаните што излегоа да гласаат. Сите што гласавте за мене и за ВМРО-ДПМНЕ, гласавте за себе и за иднината на Македонија. Ѝ честитам на ВМРО-ДПМНЕ за освоените гласови. Му честитам на мојот противкандидат за освоените гласови. Им честитам на сите партии што добија мандати. Ѝ честитам и на дијаспората, на нашата иселена Макредонија“, рече Иванов.

Тој нагласи дека и натаму ќе остане претседател на сите граѓани и ќе ги брани интересите на Македонија.

„Сѐ што направивме за Македонија, го постигнавме заради граѓаните и сѐ што ќе правиме во иднина ќе биде заедно со граѓаните. На Македонија ѝ е потребен секој нејзин граѓанин, но и конструктивна опозиција, за соработка. Победата за нас значи обврска да работиме уште повеќе, со позасилено темпо, а граѓаните ја знаат нашата посветеност“, нагласи Иванов.

Тој нагласи дека ќе работи за Македонија да биде држава каква сите ја посакуваат, пред сѐ членка на ЕУ и НАТО.

„Од утре нема победници и поразени. Има само работа и работа“, порача Иванов. На крајот им се заблагодари за поддршката на граѓаните, на сопругата и синот, на членовите на неговиот кабинет, на тимот Македонија, а особено на премиерот Никола Груевски и за поддршката што му ја дал пред пет години и за повторно укажаната доверба.