Иванов: Никој во Македонија нема право да го држи во заложништво напредокот на државата
27 август 2013Иванов во исто време го поздрави државничкото однесување на лидерите на партиите. Тој денеска се сретна со претседателот на Комисијата Борче Давитковски, кој го информираше за нејзината работа.
„Претседателот Иванов го поздрави државничкото однесување, покажаната зрелост, разумност и направените отстапки, со цел да се заштитат државните интереси и интересите на граѓаните, кои секојпат знаат да препознаат кој работи во нивни интерес. Македонскиот претседател повикува на национален консензус во однос на стратешките цели и приоритети на Република Македонија. Во таа насока, претседателот Иванов апелира еднаш засекогаш да се престане со деструктивни политики, политиките на ултиматуми и уцени и поставување на тесно-партиските интереси и интересите на поединци, над интересите на државата и граѓаните“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Тој порача дека никој во Македонија нема право и не смее за каков било интерес да ги држи во заложништво напредокот и развојот на државата. Членовите на Комисијата вчера конечно го потпишаа извештајот за настаните во и надвор од Собранието на 24 декември.