Иванов: Македонската армија е ценет партнер на НАТО
18 август 2013На свеченоста во Скопје, македонскиот претседател и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов нагласи: „Верувам дека ќе дојде денот кога кон успешното учество во мировните мисии и бројните индивидуални одличја ќе се придодаде и колективното признание кое сме го заслужиле – полноправното членство на Република Македонија во НАТО. Стремеж што ги сплотува сите наши граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Ќе продолжиме да ги споделуваме одговорностите со нашите сојузници, и покрај тоа што не ги чувствуваме придобивките од полноправното членство.“
Иванов подвлече дека македонската армија е ценет и посакуван партнер на НАТО. Според него, тајната на успехот на армијата е посветеноста кон реформите кои се прават за интероперабилност со структурите кон кои се стреми земјата.
„Треба да сме свесни дека без континуирано вложување во армијата, стекнатата реформска кондиција може лесно да се изгуби. Како што вооружените сили имаат уставна обврска да го штитат територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија, така и сите ние имаме обврска да им обезбедиме подобри услови на оние кои нe чуваат нас и нашите деца. Како врховен командант на вооружените сили, цврсто сум уверен дека институциите во РМ надлежни за обезбедување финансиски средства, треба да преземат одредени мерки за подобрување на животниот стандард на припадниците на нашата армија“, рече Иванов.
На свеченоста се обрати и министерот за одбрана Талат Џафери, кој нагласи дека македонската армија денес е професионална војска составена од добро подготвени мажи и жени. Воените сили, како што рече Џафери, се пополнети на ниво од 90 проценти, од кои 27 отсто се припадници од немнозинските заедници, а 10 проценти се жени.