1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Македонија е отворена за дијалог со Бугарија

ЖА/миа18 јануари 2013

Македонија е подготвена да разговара секогаш и за секое прашање кое соседна Бугарија го смета за отворено, изјави денеска претседателот на државата Ѓорге Иванов.

https://p.dw.com/p/17Msz
Фотографија: MIA

„Ние како држава покажуваме позитивен однос кон сите наши соседи. Сакаме со сите за сите прашања да разговараме и да наоѓаме решенија, така што нашата конструктивност и овојпат ќе ја покажеме. Очекуваме за секое прашање кое сметаат дека не придонесува за добрососедските односи да се разговара. Медиумите не се место преку кое ќе се пренесуваат пораки, ќе се даваат, предлози. За сите прашања мора да се разговара. Ние ја искажавме таа подготвеност“, изјави Иванов запрашан во врска со противењето на Софија за одредување датум за почеток на преговорите со Македонија на последниот самит на Советот на ЕУ.

Тој и лично изрази подготвеност за билатерална средба со неговиот бугарски колега.

„Јас сум подготвен во секој момент со бугарскиот претседател да разговараме за сите прашања што сметаат дека се отворени и дека ние не придонесуваме кон нивно разрешување, порача шефот на државата Ѓорге Иванов по посетата на МНР.

Во врска со спорот за името со Грција, Иванов очекува динамизирање на разговорите за името од претстојната средба на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите на Македонија и на Грција закажана за крајот на месецов во Њујорк.

„Нимиц искажа оптимизам за време на последната негова посета, ги дозна нашите позиции и ставови бидејќи се расправаше за конкретни работи од процесот. Очекуваме тоа што беше од него слушнато во Скопје и во Атина, да им го пренесе на нашите претставници и дијалогот ќе добие поголема динамика. По посетата на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун на Македонија, веќе тој лично се вложува во овој процес и придонесува да имаме една поголема динамика, изјави Иванов.

За иницијативата за трилатерална средба на еврокомесарот Штефан Филе со Македонија и Грција, шефот на државата посочи оти Македонија останува конструктивна во процесот.

„Ние секојпат сме покажувале конструктивност. Секогаш бараме да се најдат решенија и ние ќе продолжиме со тој начин на водење на нашата надворешна политика, рече Иванов.