Иванов и Попоски на Конференцијата за безбедност во Минхен
1 февруари 2013На 49. Минхенска безбедносна конференција македoнскиот претседател Иванов ќе има обраќање во рамки на сесијата на тема „Безбедност и стабилност во Југоисточна Европа и Кавказот”, со која ќе претседава Марти Ахтисари, добитник на Нобелова награда за мир и поранешен претседател на Финска.
Иванов, на маргините на Конференцијата ќе оствари билатерални средби со високи функционери од повеќе земји, на кои ќе се потенцираат сите прашања од сферата на безбедноста и уделот на Македонија во меѓународните мисии.
На 49. Конференција во Минхен, учество најавија над 130 шефови на држави и влади и други високи функционери, меѓу кои Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, Потпретседателот на САД, Џо Бајден, Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Кетрин Ештон, претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо.
Покрај дискусиите за традиционалните теми, како што се трансатлантската и европската безбедносна архитектура и иднината на европската одбрана, теми на дискусија на годинешната Конференција се и иднината на еврозоната и иднината на Европската унија, сајбер безбедноста, справувањето со тековната криза во Мали и во Сирија, како и иранското прашање и баланс на силите во регионот.
Минхенската безбедносна конференција првпат е одржана во 1963 година, а ја иницирал Евалд Фон Клајст. Од 1999 година до денес во конференцијата се вклучуваат се повеќе земји од централна и источна Европа, азиските држави, а учествуваат и претставници од бизнис секторот.