1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов до Ромпој - Македонија не очекува привилегии

Александар Методијев/макфакс/миа9 мај 2012

Македонските граѓани остануваат посветени на остварувањето на сонот за членство во напредното европско семејство на народи, вели претседателот Ѓорге Иванов во писмото до Херман Ван Ромпој, претседател на Европскиот совет

https://p.dw.com/p/14sAE
Фотографија: Reuters

Иванов во писмото по повод 9-ти мај - Денот на Европа, на Ромпој му пишува дека очекува скорешен почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ и му порачува дека земјата во тој процес не очекува привилегии, туку исти критериуми како и за останатите земји-членки.

„Господине Претседателе, и покрај бројните и неправедни пречки, македонските граѓани остануваат посветени на остварувањето на сонот за членство во напредното европско семејство на народи. Очекувам да го видам денот кога мојата земја ќе стане полноправна членка на ЕУ, со споделени права и обврски. Силно верувам дека во наредниот период ќе можеме да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ. Во овој процес, ние не сакаме привилегии, туку истите критериуми кои се применуваа за другите земји-членки на Унијата. Од ова секако бенефит ќе имаат не само мојата земја, туку и регионот и Европа", се вели во писмото на Иванов до Ван Ромпој.

Mazedonien Präsident Gorgi Ivanov
Иванов во писмото до Ромпој забележува дека очекува скорешен почеток на преговорите со ЕУФотографија: Petr Stojanovski

Тој во писмото потсетува и на Декларацијата за Европа, потпишана од основачите на Обединета Европа во 1951 година, во која стои дека „оваа Европа останува отворена за сите држави што ќе и се приклучат во нејзините заеднички напори“. Иванов вели дека во минатите децении клучни биле европските идеали за слобода, демократија, почитување на човековите права и владеењето на правото, како и солидарноста меѓу народите.

„Во изминатите децении, овие идеали донесоа мир, надеж и единство на нашиот континент, на регионот на Југоисточна Европа и на Република Македонија и нејзиното мулти-етничко, мулти-религиско и мулти-јазично општество“, забележува Иванов во писмото.

Имајќи ја предвид моќта на европската идеја да помирува и обединува, претседателот Иванов изразува благодарност за поддршката и насоките што ЕУ и' ги даде на Република Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат.