Иванов во Истанбул ќе има средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј
10 април 2012Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој престојува во повеќедневна посета на Турција,денеска (10.04) во Истанбул ќе има средба и со вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Претходно тој ќе присуствува на молитва во Цариградската патријаршија.
Иванов вчеравечер во обраќањето на конференцијата на Алијансата на цивилизации „Балкански мир – визија за иднината со поуки“, што се одржува во Истанбул, порача светот да не ги повторува грешките од минатото за да биде подобро место за живеење, со што помалку конфликти, а повеќе слобода и демократија. Луѓето и религиите да се разбираат што повеќе, а цел на секој поединец да биде стремежот за слобода. Македонскиот претседател пред повеќе од 200 учесници на конференцијата направи преглед на последиците од конфликтите низ историјата во балканскиот регион и укажа на опасностите и причините за идни конфликти.
Во тек на престојот во Турција шефот на македонската држава утре ќе се обрати на отворањето на 15-от Еврозаиски економски самит во Истанбул. Тоа ќе биде негово трето учество на форумот што традиционално го организира Мармара фондацијата.