1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов бара реакција по инцидентите во Купот

БГ/макфакс23 мај 2013

Македонскиот претседател ги осуди вчерашните инциденти на финалето од фудбалскиот Куп меѓу екипите на Шкендија и Тетекс. Иванов бара градење на спортски бон-тон.

https://p.dw.com/p/18chT
Фотографија: Petr Stojanovski

Сега е моментот решително да застанеме на патот на ваквите појави и најригорозно да ги санкционираме оние кои немаат никаква врска со спортот, и ги користат спортските натпревари за разгорување на секаков вид нетрпеливост и омраза, на што треба институционално да се одговори, рече македонскиот претседател Ѓорге Иванов во врска со прекинот на финалето на Купот на Македонија.

Изјавата на Иванов следеше откако во средата навечер финалниот натпревар во фудбалскиот Куп на Македонија меѓу тетовските екипи Шкендија и Тетекс беше прекинат во 34-та минута, поради националистички инциденти на трибините на „Филип Втори“.

„Во нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество, многу е значајно да се превенира девијантното однесување, непристојното навивање и насилството на спортските терени. Однесување што многу лесно може да предизвика тензии меѓу заедниците. Досегашното искуство покажа дека имаме зачестени појави на нетрпеливост меѓу различните групи на спортските терени. Нетрпеливост што се изразува преку погрдни, навредливи етикетирања на едните кон другите, а неретко и физичко пресметување за време, на и по спортските натпревари. Ова сосема ја искривува вистинската витешка и социјална димензија на спортот“, рече Иванов.

За жал, токму вчера на финалето на националниот фудбалски куп што требаше да биде празник на фудбалот, додаде претседателот Иванов, повторно имавме навредливи скандирања, фрлање на предмети и факели, по што финалето мораше да биде прекинато.

„Вчерашните немили сцени оставија горчина и разочараност кај секој спортист, секој навивач, секој обичен граѓанин. Сево ова бара итна институционална акција, која ќе ги опфати сите слоеви на нашето општество. Мора да ги реафирмираме вистинските вредности на спортската игра, особено меѓу најмладите како идни главни актери на спортските терени, и како учесници и како навивачи. Верувам дека токму овој проект ќе придонесе во афирмирање на вистинските морални норми во спортот. Норми кои подразбираат коректен однос кон противникот и публиката, признавање на прекршок, коректен однос кон делителите на правдата, односно, градење на целокупен коректен однос – спортски бонтон“, рече Иванов.