Иванов бара паралелни преговори за името и за ЕУ
1 август 2011ЕУ-лидерите треба да му помогнат на грчкиот премиер Јоргос Папандреу и на раководството на соседната земја и да ги убедат дека со пристапните преговори Грција не е губитник и оти со тоа сите добиваме, нагласува македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за денешен „Дневник“.
Според претседателот Иванов, довербата меѓу Скопје и Атина ќе се зголеми ако Грција дозволи Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.
„Република Македонија и сите нејзини институции, целото општество ќе биде фокусирано на преговорите. Грција ќе има проевропски, во смисла на стандарди, сосед. Раководството на Грција ќе демонстрира практична конструктивност, ќе се зголеми довербата и разбирањето, кои се суштествени за нашите граѓани кои на референдум ќе се изјаснат за евентуалното решение“, вели Иванов. Посочува и на ставот на некоиевропски држави, како Унгарија, Австрија, Чешка, кои сметаат декаМакедонија може паралелно да ги води преговорите со ЕУ и разговорите со Грција.
Иванов оценува дека Грција е во тешка криза и во моментов нема мотив да го решава спорот за името, но Македонија нема избор, и затоа останува конструктивен партнер во разговорите. Притоа, тој тврди дека во Македонија постои консензус за спорот меѓу власта и опозицијата.
„На сите политички фактори им се јасни минималните линии под кои каков било договор не е можен и под кои е неприфатлив договор, независно кој е на власт во Македонија, и тука нема што повеќе да се зборува. Тоа е консензусот“, истакнува македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Автор:БГ/ЖА/миа
Редактор: Жана Ацеска