Иванов бара објаснување за терминот „славомакедонци“
19 ноември 2012Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска (19.11.) го повика на средба евроамбасадорот Аиво Орав, откако минатата недела тој го употреби терминот „славомакедонци“ за именување на македонскиот народ во говор во Европскиот парламент во Брисел.
Неофицијално, претседателот Иванов побарал од евроамбасадорот јавно да се извини за постапката и да го почитува правото за самоопределување. Засега, официјално не се објавуваат детали од средбата. Претходно, постапката на Орав ја осуди Владата. Од опозициската СДСМ денеска постапката на Орав ја оценија како „тежок удар за македонската надворешна политика“.
„Ова не смее да остане без соодветна реакција од власта. Ние не сакаме да поверуваме дека се работи за усогласен пазар со кој заради враќање на придавката “македонски“ во ЕУ извештајот, Владата евентуално премолчано се согласила ЕУ претставниците во иднина да го употребуваат терминот “славомакедонци“ за нашиот идентитет. Затоа, сега премиерот Груевски е на потег, за да ја докаже и покаже решителноста и одлучноста на Република Македонија во неприфаќањето на оваа нова пракса, и да го заштити достоинството на македонскиот народ“, изјави Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ.