Зошто Чесите си избраа ново име за државата?
6 мај 2016Чешката Република беше формирана во 1993 година по распадот на Чехословачка и е една од ретките земји во Европа кои го употребуваат политичкиот систем во своето име. Повеќе земји имаа официјален назив, како на пример Сојузна Република Германија или Словачка Република, но општо се познати по своите покуси, концизни назнаки, во овие случаи Германија и Словачка.
Уморни од тоа да бидат поинакви од овој аспект, чешките лидери во четвртокот одобрија план да го регистрираат „Чехиа“ и еквивалентот во други јазици, како куса форма на името на земјата во Обединетите нации.
Објаснувајќи го потегот, шефот на чешката дипломатија Лубомир Заоралек изјави дека често се соочувал со проблематични обиди со еден англиски збор да ја именува својата земја.
Произведено во Чешка
Самата должина на името со три збора Чешка Република "the Czech Republic" принуди некои организации да побараат кратенки. Водечкиот производител на пиво „Пилзнер Уркел“ на своите налепници наведува дека пивото е произведено во „Плзен- Чешка“. Некои национални спортски тимови го користат само „Чешка Република“ или на друг начин го избегнуваат целото име. Спортот и маркетингот се токму областите каде владата се надева дека новото име Чехиа ќе фати корен.
Со таквиот избор се согласува и Карел Олива, директор на Институтот за чешки јазик во Прага.
„Оригиналот беше искован во 17. век од латински а потоа, така да речам, беше присилен во англиската верзија“, вели Олива. „Сметам дека тоа е логична опција“.
Во Прага веќе се води жива дискусија околу промоцијата на Чехиа во англофонскиот свет. Иако многумина го поддржаа, регионалната министерка за развој, Карла Шлехтова, соопшти дека се спротивставува на името и е загрижена дека- како и во минатото- таквото име ќе се меша со Чеченија на англиски- (Czechia-Chechnya).
Одвратен неологизам
Дебата околу Чехиа е „беспредметна“ бура во чаша вода, вели Џефри Вандерзил, американски академик во Одделот за англиски и американски студии на Универзитетот Масарик во Брно.
„Не гледам проблем во тоа да се има поинакво име, уникатно име. Но Чесите не сакаат да отскокнуваат од масата- тие сакаат да бидат како сите други“, вели тој. „Јас лично го сметам за ужасен неологизам (кованица) и никогаш нема да ја користам или да ги охрабрувам студентите во нашата програма да го преведуваат или да го користат“.
Шефот на Чешкиот центар Зденек Лицка признава дека Чехиа е проблематичен назив, делумно и поради тоа што почнува со два збора кои се словенски во потеклото и речиси никогаш не биле споени во англискиот а притоа и завршуваат со латинското-иа, што е исто така невообичаено. „Чуден почетокот, уште почуден крајот, а во средината нема ништо“, се шегува Лицка.
Некои сметаат дека вистинското време за промоција на новото име Чехиа било пред две децении, кога земјата прогласи независност. „Не мислам дека е предоцна- никогаш не е предоцна да се имплементира нешто толку важно“, вели Лицка.
Карел Олива,сепак, има дилеми дали името ќе влезе во употреба. „Не сум сигурен дека доколку напишете нешто на парче хартија во седиштето на ОН, дека луѓето на улица навистина ќе го користат“, вели лингвистот. „Јазикот е таков што самиот си одлучува за употребата- секакво туркање на зборови е грешка“.