1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамбург против Фејсбук

Ута Штајнвер/К. Краљевска8 август 2015

Секој има право на социјалните мрежи да користи псевдоним, вели Јоханес Каспар, комесар за заштита на податоци во Хамбург, во интервју за ДВ. Фејсбук одлучи да блокира профил на жена, која користела псевдоним.

https://p.dw.com/p/1G8sI
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gabbert

Случај кој предизвика дискусија: Фејсбук блокирал профил на жена, затоа што наместо своето вистинско име и презиме, таа користела псевдоним. Популарната социјална мрежа го заменила нејзиното корисничко име со вистинското. Покрај тоа, жената морала да поднесе официјален документ, за да го потврди својот идентитет. Тоа било и причината, во целиот случај да се вклучи и Јоханес Каспар, комесар за заштита на податоци, кој бара Фејсбук да дозволи да се користат псевдоними.

ДВ: Зарем една социјална платформа нема право да постави свои правила? Секој, кој отвора профил, знае во што навлегува.

Јоханес Каспар: Постои одредба во законот за интернет, која мора да се почитува. Со неа е утврдено дека интернет може да се користи и под псевдоним. Тоа значи дека корисникот има право да се претставува под псевдоним. Впрочем, операторите на социјалните мрежи мораат да ги почитуваат и законските прописи за пасош и лична карта.

ДВ: Но, Вие говорите за германскиот закон. Пред две години еден германски суд пресуди дека Ирска е задолжена за заштита на податоците, бидејќи во таа земја е европското седиште на Фејсбук. Какви се шансите да помине Вашата иницијатива, со оглед на тој факт?

Таа пресуда во меѓувреме е застарена, по пресудата на Европскиот суд во врска со пребарувачот Гугл. Судот јасно даде до знаење дека гранката на компанијата во една од земјите на ЕУ не е по секоја цена должна за обработка на податоците на корисниците. Тоа се однесува и на сестринските компании, кои служат за економска намена на матичните интернет компании, како што беше случајот со шпанскиот Гугл во врска со огласувањето. Терминот гранка во тој случај е толку широк, што во него може да се вклучи и гранката во покраината Хамбург, каде што Фејсбук е активен во областите за рекламирање и огласување.

Расиситички пораки и пораки на омраза се широко распространети на социјалните мрежи. Ќе има ли повеќе такви коментари, доколку Фејсбук официјално дозволи употреба на псевдоними?Не е докажано дека обврската за користење вистинско име придонесува за примерно однесување на социјалните мрежи. Дури и да е така, она што Фејсбук сака со обврска за користење на вистинско име е чиста фикција. Фејсбук никако не е во состојба да ги исфилтрира сите луѓе кои користат псевдоними, бидејќи многу користат некои вообичаени имиња, кои не се нивни. Треба да се напомене дека задолжителното користење на вистинското име е сосема погрешно. Тоа укажува на можно шпиунирање на корисниците. За деца и млади тоа е опасно, им се ветува безбедност, која воопшто не постои. Не’ живееме во диктатура во која секој мора да се пријави и контролирано да користи интернет. За среќа, тоа не може да се спроведе и затоа таквиот пристап е погрешен.

Deutschland Johannes Caspar Datenschutzbeauftragter von Hamburg NEU
Јоханес КаспарФотографија: picture-alliance/dpa/J. Carstensen

Псевдонимите можат да ги штитат престапниците?

Слободата на изразувањето на интернет подразбира дека не мора кај секоја поединечна изјава да се наведува име. Замислете да одите во град, купувате леб и весници или разговарате во автобус, и притоа секогаш да го кажувате вашето име. Користење на интернет-платформи под псевдоним е право на секој поединец. Така сметаат и законодавците и така настана соменатиот член во законот. На крајот, сепак се работи за слобода на изразување - и политички и/или расиситички прекршители би требало да имаат право да го изразат своето мислење. Псевдонимот придонесува тоа да го направат без страв за себе или членовите на своето семејство.

Да се вратиме на прашањето: зарем вистинските имиња не’ водат кон култура на цивилизирана дискусија?

Мислам дека интернет-троловите ги има насекаде. Не можете да спречите некој да се пријави со некои чести имиња и да ги навредува другите во преписката. Доколку целта на обврската за користење на вистинското име е да се воспостави вербална хигиена меѓу корисниците, тогаш тоа е заблуда за она што се’ може интернетот. Се разбира дека политиката на Фејсбук е да се знае дека за рекламни цели подобро е да имате корисници со вистинско име, отколку оние кои се кријат зад некое измислено.

Дали веќе слушнавте некаква реакција од Фејсбук за иницијативата во Хамбург?

Не, јас само слушнав дека Фејсбук е изненаден од нашата жалба. Тоа пак ме изненади мене, бидејќи последниве месеци неколку пати се обраќавме до Фејсбук. Многу луѓе ни’ се обратија и нам, велат дека не сакаат да прифатат дека им се блокирани профилите и дека треба да достават лични документи, така што тоа не е случај, кој се појави од никаде.

Јоханес Каспар е правник и од 2009 година е комесар за заштита на податоци во Хамбург.