Зошто мажите го отфрлаат женскиот фудбал?
15 јули 2011Женскиот фудбал веќе нема врска со еманципацијата, бидејќи стана дел од секојдневието. Се проценува дека 29 милиони жени денеска во светот играат фудбал организирано во клубови, а бројот на фудбалерки незапирливо се зголемува.
Дури и во земјите во кои Алах го одредува начинот на постапување и размислување, девојките одамна бараат да добијат право да играат фудбал, ризикувајќи и казни. Одамна се жените присутни во веројатно најубавата споредна работа во животот на мажите.
Најгледан пренос
Само во САД во клубовите има два и пол милиони жени, така што за женскиот фудбал веќе не може да се зборува како за маргинален спорт. Впрочем, на тоа укажуваат и податоците за следење на сегашното Светско првенство. 18,5 милиони Германци го гледале преносот од четвртфиналниот натпревар меѓу Германија и Јапонија. Тоа беше најгледаната емисија на телевизија од почетокот на годината.
Интересно е што женскиот фудбал го гледаат пред се мажите. Нема истражувања за причините. Во женската Бундеслига, на натпреварите од минатата сезона, во просек присуствувале 836 гледачи со платени влезници. Ова лето очигледно дојде до пресврт.
Веројатно најзначајната причина за моменталниот бум на женскиот фудбал е вниманието кое му го посветија медиумите. Телевизиските преноси во живо во најдобрите термини и жолтиот печат, кој на вообичаен начин игра на човечкото и емотивното: Марта наместо Меси, (Биргит) Принц наместо Полди (Подолски). Фудбалска Германија овој јули функционира како во текот на машкото Светско првенство во фудбал во 2006-та година. И стопанството наеднаш се заинтересира за дамите во црни шорцеви. Рекламните агенции работеа со полна пареа, за малку да успорат по поразот од Јапонките во четвртфиналето.
Умешноста на натпреварувачките
ФИФА можеше да очекува дека Германија професионално ќе го организира првенството и дека на тој начин ќе бидат создадени основи за популаризација на женскиот фудбал. Меѓутоа, само законите на пазарот и медиумите не гарантираат траен успех. Спортот мора да биде и привлечен за публиката. Фудбалот во секој случај е таков спорт. Се’ поголемата популарност на женскиот фудбал може затоа да се толкува и како умешност на натпреварувачките. Поминаа времињата во кои дебелките и натапирани дами невешто се справуваа со топката. Впрочем, Германскиот фудбалски сојуз не го прифаќаше женскиот фудбал се до шеесетите години.
Женскиот фудбал денеска е подинамичен, побрз и по се’ сличен на машкиот. Тоа се причините поради кои ќе привлекува се’ поголем број гледачи. Тоа нема никаква врска со машкиот војаеризам.
Зошто никому не му паѓа на ум војаеризам кога станува збор за женскиот ракомет, натпреварувачките во уметничко лизгање или фрлачките на дискови или копја? Кој се возбудува денес поради тоа што жените играат и рагби или хокеј на мраз?
Причините што мажите по малку го отфрлаат женскиот фудбал треба да се бараат во машката суета. Имено, жените продреа и во последниот машки домен, а негов симбол е фудбалот.
Автори: Фолкер Вагенер/Александар Методијев
Редактор: Борис Георгиевски