Зошто Германија е цел на напад?
26 јули 2016„Зошто не‘ мразите?“ - тоа беше прашањето кое по нападите од 11 септември 2001 година постојано се појавуваше во американските медиуми. Ситуацијата во Германија денес е поинаква: овде не само на безбедносните власти, туку и на јавноста со години и‘ е јасно дека Германија во секое време може да биде цел на напади. На пример, министерот за внатрешни работи Томас де Мезие постојано предупредуваше од „апстрактни закани“.
Лоренцо Видино од Институтот за меѓународни политички студии во Милано смета дека германската надворешна политика е суштинска причина за напад. „Од почетокот на воената мисија во Авганистан, Германија - според мислењето на џихадистичкото движење - е дел од напорите против исламот предводени од САД.“ Тоа важи уште повеќе по вклучувањето на германската влада во борбата против терористичката група „Исламска држава“ (ИД). Исламистите постојано во визир го имаат Западот генерално, оценува германскиот експерт за тероризам Ролф Топхофен: „Меѓутоа, откако им даваме поддршка на курдските пешмерга-милиции во Ирак во борбата против ИД со оружје и инструктори, Германија стана топ-цел.“
„Мисли глобално, дејствувај локално“
Сепак, Германија стана цел на напади не само поради надворешната политика, уверен е Лоренцо Видино. Тој укажува дека дури и во држави кои се воздржани, како Шведска или дури и неутралната Швајцарија, има осуетени планови за напади. Тоа е поврзано и со се‘ подецентрализираната структура на џихадистичкиот тероризам: движењето се состои од многу индивидуи со најразлична поврзаност со групи како Ал Нусра, Ал Каеда или ИД. Овие поддржувачи имаат многу слобода да дејствуваат независно, вели Видино: „Ако живеете во Шведска и сте - оперативно или само идеолошки - дел од движењето, тогаш постапувате според девизата: мисли глобално, дејствувај локално.“ За џихадистите кои се родени на Запад, внатрешнополитичките мотиви, како генералното чувство на дискриминација, се од исто толкаво значење како и надворешнополитичките мотиви.
Асием Ел Дифрауи, еден од најдобрите познавачи на џихадистичката пропаганда, потсетува дека нападите врз Западот одамна се централен составен дел од идеологијата. ИД во тој дел прво беше повеќе исклучок, затоа што нејзините приврзаници сакаа да се концентрираат на изградба на своја „држава“ во Сирија и Ирак, вели Ел Дифрауи. „Затоа, тие од тактички причини тврдеа дека нема да го напаѓаат Западот, во надеж дека така ќе бидат оставени намира.“ Кога тоа се покажа како илузија и САД почнаа да бомбардираат позиции на Исламска држава, се промени и линијата на ИД. „Од почетокот на воздушните напади, наводната исламска држава сосема јасно стави до знаење дека им е закана на сите западни земји“, вели политикологот Ел Дуфрауи.
Поларизацијата како цел
Овие напади следеа пред се‘ две цели, смета Ел Дифрауи. Едната цел е заплашување. Искуството на движењето велеше дека шпанската влада ги повлече трупите од Ирак откако се случија нападите во Мадрид во 2004 година, кога загинаа речиси 200 луѓе. Втората цел е поларизација на западните општества. Зашто, како последица може да дојде до демонстрации насочени против исламот и до напади, што пак би предизвикало радикализација на младите муслимани кои би му завртеле грб на мнозинството и би можеле да паднат во рацете на фундаменталистите.
Главниот мотив на нападите, според Ролф Топхофен, е и во уште една друга порака. На ИД, со уништувањето на империјалните граници меѓу Сирија и Ирак, и‘ успеа да ја стави во сенка терористичката група Ал Каеда. Со големи напади во странство сега ИД демонстрира дека нејзината борба не се ограничува само на Блискиот Исток.