1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зигмар Габриел е нов лидер на СПД

14 ноември 2009

Неполни седум недели по историскиот изборен пораз, Социјалдемократската партија го избра Зигмар Габриел за нејзин нов претседател. Доскорешниот министер за животна средина наследува тешка состојба во партијата.

https://p.dw.com/p/KWt5
Зигмар ГабриелФотографија: AP

Новиот претседател на Социјалдемократската партија се вика Зигмар Габриел. Со 94,2 проценти од гласовите доскорешниот сојузен министер за животна средина беше избран за наследник на Франц Минтеферинг. Претходно, пред делегатите на тридневниот конгрес во Дрезден, тој се претстави со борбен говор:

„Не смееме да се повлечеме на управничките катови, во просториите за состаноци. Нашата политика понекогаш делува асептична, клинички чиста, стилизирана и синтетичка. И тоа мора да го промениме, мораме да излеземе надвор во животот - таму каде што е гласно, каде што врие, каде што понекогаш мириса, веројатно и смрди. Мораме онаму каде што е напорно. Само таму каде што е напорно, само таму е животот.“

На повидок нема промена на надолниот тренд

Социјалдемократите си земаа многу време за да разговараат за состојбата во нивната партија. Три дена трае конгресот во Дрезден на кој учествуваат 525 делегати. И веќе на првиот ден се покажа дека има голема потреба за дискусија, зашто најстарата демократска партија во Германија на изборите во септември оствари најслаб резултат во историјата, а промена на трендот не е на повидок. Според последните истражувања на јавното мислење, СПД ја има поддршката од само 20 проценти од избирачите.

Во последниот говор како партиски претседател Франц Минтеферинг се обиде да најде оправданија за изборниот дебакл, но неговата интерпретација не ги смири делегатите. Тие го обвинуваат раководството на партијата дека се оддалечило од основите на социјалдемократијата, пред се‘ „ поранешниот канцелар Герхард Шредер, довчерашниот партиски претседател Минтеферинг, но и министрите во последната влада на големата коалиција со демохристијаните, кои спроведуваа антисоцијални реформи наспроти волјата на членовите на партијата“, изјави делегатот Харалд Унфрид.

SPD Parteitag Sigmar Gabriel Franz Müntefering Frank-Walter Steinmeier Dresden Flash-Galerie
Франц Минтеферинг, Зигмар Габриел и Франк-Валтер Штајнмајер на конгресот во Дрезден (од лево кон десно)Фотографија: picture alliance/dpa

„Во земјата, никогаш немаше поддршка за пензионирањето со 67 години, никогаш немаше поддршка за социјалната програма Харц 4, никогаш немаше мнозинство ни за приватизацијата на железницата, ниту за ангажманот во Авганистан. Ако оваа реалност не ја разговараме на нашиот конгрес, немаме шанса да излеземе од јамата“ , рече Унфрид.

Како не треба да се работи?

На конгресот не беше критикувана само политиката во последните 11 години кога СПД беше во владата. Дури и времето по изборниот дебакл во септември, не беше искористено за пресврт, изјави претседателката на младите социјалисти, Франциска Дросел:

„Во последните недели можеше да се види како не треба да се работи. Наместо избирачите да се сфатат сериозно и да се извлечат самокритични заклучоци, загубата на довербата на дури десет милиони избирачи беше декларирана како проблем во комуникацијата. На ваков начин другарки и другари, падот ќе продолжи.“

Незадоволство во партијата предизвика брзите промени извршени по изборниот пораз. Имено, уште во ноќта по изборите, поразениот кандидат за канцелар Франк Валтер Штајнмајер беше именуван за нов координатор на пратеничката група на СПД во Бундестагот, а и номинацијата на новиот партиски претседател Зигмар Габриел беше договорена во раководните кругови на партијата.

Автор: Бетина Маркс / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема