1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

161110 Höhenflug Grüne

19 ноември 2010

Расположение на ниво кај зелените пред почетокот на партискиот конгрес, кој трае од денеска (19.11.) до недела. Анкетите покажуваат невиден скок на нивната популарност. Кои се причините за таквиот позитивен тренд?

https://p.dw.com/p/QCyz
Клаудија Рот и Чем Ездемир, лидерите на Партијата на зеленитеФотографија: AP

Партијата на зелените никогаш досега не котирала толку високо во истражувањата на јавното мислење, никогаш порано не била толку омилена меѓу граѓаните. Меѓу 20 и 25 проценти од лицата со право на глас би гласале за оваа партија, што доаѓа како изненадување и за некои од нејзините најискусни политичари, како што е Фритјоф Шмит.

„Секако дека резултатите не` радуваат, но од друга страна знаеме дека не треба да се потпираме на истражувањето на јавното мислење, бидејќи тоа брзо се менува“, вели Шмит.

Тој е еден од пратениците на Партијата на зелените во германскиот парламент, каде моментално се најмалата опозициска партија - на изборите минатата година освоија 10.7 проценти од гласовите. Меѓутоа, партискиот релјеф е во фаза на промени, а електоратот веќе не е толку приврзан за водечките партии и делумно е незадоволен од владејачката коалиција на демохристијаните и либералите. Од сето тоа најмногу профитираа зелените. Меѓутоа, дали го имаат она што една партија ја прави народна, ќе се покаже на изборите во германските покраини. Догодина се одржуваат избори во шест од нив, меѓу кои и во германскиот главен град Берлин. Ренате Кинаст, една од водечките политичари на зелените, атакува директно на врвот: „Подготвена сум, се кандидирам за функцијата градоначалник на Берлин. Еден град за сите“, соопшти таа неодамна.

Flash-Galerie Themen der Grünen Klimaschutz
Заштита на животинските видови - уште една од целите на зеленитеФотографија: picture-alliance/dpa

Зелените не се плашат од „Обама-ефект“

Напуштање на атомската програма, заштита на животната средина, еднакви права за жаните - зелените со децении се залагаат за овие цели. Во меѓувреме, тие теми повторно се враќаат во центарот на вниманието, вели шефот на партијата, Чем Ездемир:

„Општеството се промени, стана позелено. Еколошките теми повторно се вратија во фокусот на општеството. Се разбира, и ние се промениве во текот на изминатите триесет години.“

Содржината е поважна од политичката моќ - ова е еден од главните принципи на Зелените во соработката со другите партии. Гласачите знаат да го ценат тоа, а конкуренцијата е заплашена. Социјалдемократите веќе се навикнуваат на идејата во иднина да бидат помалиот партнер во зелено-црвена коалиција на покраинско ниво. Досега секогаш било обратно. Меѓутоа, со растот на популарноста на партијата, расте и потенцијалот таа да разочара, вели експертот Рихард Химлер и укажува на примерот со либералите, чија популарност меѓу избирачите драстично опадна, откако влегоа во владината коалиција. Доколку се случи Партијата на зелените да застанат на чело на некоја од покраинските влади, гласачите будно ќе го следат секој нивни потег:

„Зелените ќе мора да го издржат тоа, што се разбира претставува голем притисок. Затоа можам да ги разберам стравувањата на некои од партиските лидери. Кој високо лета, може многу ниско да падне“, вели Хилмер.

Преголеми очекувања, што не можат да се исполнат - повеќето од зелените не стравуваат од таканаречениот „Обама ефект.“ Како прво, никој од нив не смета дека позитивните анкетите автоматски значат и победа на изборите, и како второ, партијата не станала преку ноќ толку популарна, туку малку по малку се изборила за успех, се вели меѓу партиското членство. Затоа на партискиот конгрес важи девизата: пушти си ги нозете, колку што ти е долго чергичето - иако понекогаш знае и да полета!

Автор: Нина Веркхојзер / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска