1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Здравството е добро, но штедете за приватниците“

Синиша Богданиќ
28 март 2017

Сѐ повеќе пациенти во Хрватска ги комбинираат услугите на јавното здравство и приватниците, особено кога се работи за дијагностика и специјалистички прегледи.

https://p.dw.com/p/2a8FO
Symbolbild- Ärzte im Krankenhaus
Фотографија: picture-alliance/dpa

Годините на дебатирање за фејслифтинзите и јаловите реформи на јавното здравство го тргнаа од фокусот интересот на пациентите. Дали солидарното и условно речено „бесплатно“ здравство е само утописко ехо на социјализмот или нешто што во Хрватска постои сѐ уште?

Како новинар неколку пати од стручни луѓе сум барал одговор на овие прашања. Сум разговарал и со многу пациенти и претставници на здруженија кои ги заштитуваат нивните права, но навистина опипливо искуство со хрватскот здравствен систем, за среќа, сум немал, освен што секој месец на негова сметка во државниот буџет уплаќам не мала сума пари. Зашто, како што знаеме, бесплатно не е ништо.

Вистинската слика за тоа како изгледа системот од перспектива на пациентот почнав да ја откривам во август 2016 година. Сосема случајниот телефонски повик за мајка ми, која има 69 години, живее во Лика и која во продолжение ќе ја нарекуваме Марија, ми откри дека таа е на одделението за итен прием на пациенти во главната жупаниска болница. Болницата во нејзиниот град, имено, е затворена при една од бројните реформи на здравствениот систем.

Кај приватниците нема чекање

Марија тој ден на својот лекар му се пожалила на силна болка во градите, топлина меѓу лопатките, умор, краток здив, вкоченост на вратот. Со оглед на тоа што страда и од висок притисок, лекарот ја испратил на одделението за итна помош, оддалечено 40 километри. „Што се случува?“, прашав. „Не знам, ништо не ми кажуваат“, ми одговори таа.

Истиот ден е вратена дома, со напомена да направи интернистички преглед, но очигледно - не тој ден. Лекарката на специјализација која ја примила на одделението за итна помош, заклучила дека нема „акутно коронарно случување“, што го изненадило семејниот лекар на Марија. „Ми рече дека имам 69 години, како јас да не знам, дека крвта ми е 'густа', дека некои бранови на кардиограмот се поклопуваат, дека интернист треба да ми определи терапија, но сѐ на сѐ - ништо посебно“, ми раскажа Марија.

Наредните десетина денови таа се обидувала да продолжи со нормален живот: градина, домашни работи, лесна физичка работа. Но, дишела сѐ потешко, па на крајот не можела да се качи на првиот кат од куќата. „Немам време и не сакам да се вратам назад во нашата болница. Доаѓам во Загреб“, ми порача, па решивме да ги прескокнеме упатите и чекањето. Одбравме една приватна поликлиника. „Господине, Вие кажете ни кога Вам ви е најзгодно да дојдете, а јас ќе Ви закажам лекар во тоа време. Тоа кај нас така оди“, ми објасни телефонски љубезната рецепционерка.

Се појавивме во 10 часот. Во ходникот поплочен со црвен мермер имаше само неколку пациенти - странци кои се затекнале во Загреб. Марија до 12 часот го заврши прегледот, лабораториските испитувања и ЕКГ, по што лекарот ме повика и мене во ординацијата. „Видете, ако се прашувам јас, ова е за операција. Немојте да одите дома, немојте да застанувате никаде, однесете ја веднаш на одделението за Итен прием на Клиничката болница Дубрава. А, ако не ја оперираат, немојте да ѝ дозволите барем две недели да се оддалечува од болницата. Тоа е сѐ што можам да ви кажам.“

Kroatien Klinische Krankenhaus Dubrava in Zagreb
Клиничката болница Дубрава во ЗагребФотографија: DW/S. Bogdanic

Од сообраќајни несреќи до рани од мачки

Четириесетина минути подоцна влеговме во големата модро зелена зграда на крајот на градот, некогашната „воена болница“. Итниот прием се наоѓа во подрумот. Во чекалницата има околу 40-тина луѓе, седнати делумно на оштетени столчиња, а делумно на стари колички за транспорт на пациенти. Ги предадовме документите од приватната поликлиника. „Ако не те викнат веднаш, значи не е страшно“, ѝ велам. Само што го изговорив тоа, веќе ја викаат. Мрачниот подрум е проточен. Носат жртви од сообраќајни несреќи, маж со несносни болки вика додека чека РТГ. Друг веќе собира броеви од адвокати кои ќе ги ангажира за тужба и наплата на обесштетување. Преку нив се пробива девојка со завиткан прст. Нејзината лекарка тој ден не работела, па дошла да замоли за преврска. Се пријавува и жена која ја гризнала мачор. „Познат ли ви е мачорот?“, прашува администраторот на приемниот шалтер. „Мене ми е многу познат“, му одговара таа збунето. Кон шалтерот се приближува налутена госпоѓа со количка за на пазар и ги бара назад своите документи. Вели дека ако знаела колку ќе чека, не би ни доаѓала. „На итна помош нема 'редомат', се викаат прво најтешките случаи“, објаснува медицинската сестра научена на разговор со незадоволни пациенти. Ми објаснува дека секојдневно се затрупани со вакви случаи, кои би требало да ги решаваат семејните лекари.

За тоа време Марија ги повтори испитувањата кои го покажаа истото што и оние направени пред неколку часа. Околу 17 часот млада лекарка ме викна за да ми објасни дека е време за хоспитализација. „Јас би ја задржала, па утре ќе видиме што натаму. Толку од мене“, ми вели додека ги гледа наодите од постарата госпоѓа на соседниот кревет.

Symbolbild Herzoperation
Фотографија: Colourbox/Monkey Business Images

Прво операција, па објаснување

Другиот ден околу 11 часот мајка ми телефонски ме известува дека ќе оди на коронографија, испитување кое ќе покаже колку е блиску или далеку од инфаркт. Мобилниот ми ѕвони во 13 часот. „Слушај, ме оперираа и се чувствувам одлично. Види, тоа е мала операција без општа анестезија. Од нога ми вовлекоа стент низ жилата сѐ до градниот кош и го отворија запушувањето. Сѐ гледав на екран. Знаеш, тоа е рутинска операција. Оди како на лента“, раскажува одушевено. Изненадено ја прашувам дали знаела дека оди на операција. „Не. Веројатно мислеа дека знам. Само ми дадоа документи да потпишам. Го прашав лекарот колку е трае. Ми рече - 40 минути и тоа беше тоа.“

Подоцна сепак, како што вели, ѝ ги објасниле деталите од зафатот и како минал. Болничкото опоравување траеше од вторник до недела, по што Марија се врати на својот нормален живот. Според отпусното писмо, преживеала инфаркт.

Марија, која не им верува на лекарите во жупаниската болница, е задоволна со лекарите и третманот во Загреб, а посебно е задоволна со државното дополнително осигурување, кое од малата пензија го плаќа 70 куни месечно. „Да не уплаќав, би добила сметка за лекување и болнички престој, а тоа не можам да си го дозволам. Би плаќала и да поскапеше на 100 куни месечно, како што најавуваа. Особено сега, кога знам што може да ми се случи.“

Дали хрватското здравство е солидарно? Да, зашто ретко кој плаќа полна цена за своето лекување, а невработените не плаќаат ништо. Но, дали е достапно? Не баш, ако се знае дека ултразвук на срце се чека со месеци. „Знаете, тие имаат одредени квоти кои ги плаќа Заводот за здравствено осигурување, па преку тоа не прават. Инаку листите на чекање би биле пократки. Вака, до пладне работат овде, а попладне во приватни ординации“, ми објасни една од пациентките во болницата Дубрава. И, затоа многумина бараат услуги од приватниците. Мајка ми за преглед во приватната поликлиника плати околу 1.200 куни, што е повеќе од половината од просечната хрватска пензија од 2.255 куни. „Но, којзнае што ќе се случеше со мене да не отидев на своја рака во приватна клиника, од каде што ме испратија натаму? Веројатно би доживеала уште еден инфаркт, а којзнае и дали би била жива. А, што е со оние кои не можат да стигнат до Загреб и приватниците?“, се прашува Марија.