1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За другите мајка, за Ромите маќеа!?

7 септември 2010

За разлика од француската влада, која се пресметува со Ромите без легални документи за престој во земјата, во Хрватска нема такви појави. Сепак и таму има проблеми во односот со ова малцинство.

https://p.dw.com/p/P5Fp
Смајо Бајриќ во ромската населба во ЗагребФотографија: DW

На атрактивната локација кај Работничката улица во Загреб веќе со години живеат Роми без легална дозвола. Тие се населени во десетина трошни куќарки и дрвени бараки, кои се наоѓаат на местото каде што треба да никне станбен и деловен комплекс. Порано во оваа населба имало уште повеќе ромски семејства, но тие се дислоцирани и сместени во станови што им ги доделиле градските власти. Оние кои останале во малата нелегална населба на Работничка улица не знаат до кога ќе можат да останат тука, ниту каде можат да одат потоа: „Ова е жално како живееме, никој не води сметка за нас, вода тече на сите страни, никој не го носи ѓубрето, во овие урнатини има стаорци, лебарки... сето тоа полека не` убива“, се жали 70-годишната Манда Дедиќ.

Ein Haus in Roma Siedlung in Zagreb
Куќарки на атрактивна локацијаФотографија: DW

Не е подобра ни состојбата на соседот Смајо Бајриќ: „Живеам од социјална помош. Се обративме до градските власти и таму ни рекоа дека на 7 септември ќе има состанок, по кој ќе се знае кога ќе ни ги урнат куќарките и каде треба да се преселиме потоа.“

Слично и во други квартови

За селење мора да се подготвува и семејството Мешиќ од загребската населба Дубрава на спротивниот крај на градот, кое е сместено во бараките што градските власти ги подигнаа во далечната 1964 година за лица погодени од тогашните поплави. Пред седум години во една напуштена и трошна барака се вселило семејството на Ненад Мешиќ, кое во меѓувреме брои четири члена. Тој ги плаќа режиските трошоци за бараката, но не и станарина, затоа што нема потпишано договор со градските власти. Тие не сакале да му дадат станбен договор, туку решиле да го иселат: „Не сум задоволен што упаднаа на тој начин. Требаше барем некако да ни јават за да не ми ги исплашат децата. Вака тие се преплашија кога дојдоа десетина души одеднаш...“, се жали Ненад и ја опишува својата положба: „Вратите и прозорците се застарени, морам да ставам техничка пена за да не ми дува од нив. Јас сум Ром, ама сум чист и уреден колку што ми дозволуваат условите.“

Nenad Mesic und seine Frau Anifa in Roma Siedlung in Zagreb
Ненад Мешиќ и сопругата АнифаФотографија: DW

Ромите да ја почитуваат правната држава

Бајро Бајриќ од Здружението „Роми за Роми“, кое се грижи пред се’ за образованието на ромските деца, нема разбирање за тоа што некои од Ромите живеат во објекти што не им припаѓаат.

„Јас сум за тоа Ромите да ја почитуваат правната држава, како и сите други. Имаме и други штитеници кои не влегуваат бесправно во туѓи станови.“

Bajro Bajric in Roma Siedlung in Zagreb
И Ромите да ја почитуваат правната држава: Бајро БајриќФотографија: DW

И додека градските власти се обидуваат да ги расчистат постојните нелегални населби на Ромите во Загреб, покрај реката Сава кај месноста Шанци никнува нова. Таму се населени Роми без хрватско државјанство, кои ја исползувале „меката граница“ со Босна и Херцеговина. Бајриќ објаснува: „Тоа се бараки од плех, кои се опасни за живеење, приклучокот за струја е изведен на диво, а ни водата не е за пиење...“

Бајриќ бара од градот да не се однесува како маќеа кон Ромите и да не дозволува да се создаваат маргинализирани населби само со ромско население. Според него градските власти треба да им дозволат на Ромите да се населат во накои напуштени куќи и бараки. Но, Бајро Бајриќ исто така ја нагласува и одговорноста на Ромите за сопствениот живот, кои мораат да се погрижат за подобри услови - посебно кога е во прашање образованието за нивните деца.

Автор: Горан Прокопец/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска