За аферата „Едати“ ќе дискутира лидерската коалициона тројка
17 февруари 2014Со случајот „Едати“ се зафаќаат партиските лидери. Утре наместо поширока коалициона средба, за аферата ќе се разговара во шест очи меѓу лидерите на коалиционите партии - Ангела Меркел (ЦДУ), Зигмар Габриел (СПД) и Хорст Зехофер (ЦСУ).
Лидерот на СПД, Зигмар Габриел, на прес-конференција денеска го осуди однесувањето на социјалдемократот Себастијан Едати, кој во меѓувреме поднесе оставка на пратеничката функција. Според Габриел, нарачувањето материјал со голи момчиња е за осуда и претседателството на СПД е „вџашено и запрепастено“. „Оттука неговото повлекување од германскиот Бундестаг е повеќе од оправдано“, рече Габриел, додавајќи дека ниту тој, ни министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер или шефот на пратеничката група на СПД Томас Оперман не пренесле информации до Едати или луѓе од неговата околина.
Габриел изрази жалење поради оставката на министерот за земјоделство Ханс-Петер Фридрих поради аферата „Едати“. Според шефот на социјалдемократите, одлуката на Фридрих од пред неколку месеци, кога како министер за внатрешни работи за време на коалиционите преговори го известил Габриел за истрагата против Едати, била „човечки многу пристојна и политички логична“. На прашањето дали некој во СПД ќе понесе лична одговорност како последица на аферата, Габриел одговори: „Ова прашање не е на дневен ред.“
Габриел: Оперман се однесувал „апсолутно коректно“
Лидерот на СПД особено во заштита го зема шефот на пратеничката група на партијата Оперман. Неговото однесување било „апсолутно коректно“ кога минатата недела реагирал со соопштение на барањето на медиумите да се изјасни за случајот „Едати“, оцени Габриел. Оперман тогаш соопшти дека врвот на СПД подолго време знае за истрагата и дека тој во телефонски разговор добил отврда за тоа од претседателот на Сојузната криминалистичка служба Јерг Цирке. Оперман поради тој телефонски повик до Цирке е мета на големи критики.
Зигмар Габриел денеска рече дека право на секого е да се јави кај службеник. „Според она што мене ми е познато, господинот Цирке во тој разговор не издал никаква тајна“, рече лидерот на социјалдемократите.
Шефот на ЦСУ, Хорст Зехофер, ја критикува СПД дека не одговорила доволно исцрпно на отворените прашања. Според него, она што прво треба да се разјасни е што значел повикот на Оперман до претседателот на Сојузната криминалистичка служба.
Канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ) преку портпаролот на владата Штефен Зајберт стави до знаење дека работоспособноста на коалицијата поради случајот „Едати“ не е доведена под знак прашалник. Таа сепак бара „да бидат расчистени сите отворени прашања“.