1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Засега неисполнети ветувања на новата српска влада

Ивица Петровиќ/ Симе Недевски4 август 2014

Кога сѐ ќе се собере и одземе во врска со првите сто дена на Владата на Србија, може да се каже дека многу нешта се само започнати или ветени. Затоа малкумина се подготвени да дадат висока оценка за учинокот на владата.

https://p.dw.com/p/1CoPf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Владата на Србија првите сто дена од владеењето ги потроши на кадровски решенија и комбинации во сите оние сегменти во кои инаку се дели „изборниот плен“. Владата во овој период имаше и вистинска олеснителна околност, бидејќи голем дел од времето го потроши за борба со поплавите и нивните последици. Меѓутоа кога сѐ ќе се собере или одземе, останува фактот дека многу нешта се само започнати или ветени, и затоа не е изненадување тоа што само малкумина се подготвени нејзиниот учинок да го оценат со добра оценка.

Поради тоа, би можело да се каже дека борбата за фотелји, истовремено проследена со притисоци секаде каде што е можно што повеќе луѓе да се зачленат во Српската напредна партија, ги одбележа првите сто дена на владата. Притоа треба да се спомене дека истата таа тактика на масовно зачленување во партијата, подоцна не им помогна на политичките партии кои на минатите избори не успеаја да го преминат цензусот.

Расчистувањето со партиските вработувања инаку беше едно од главните ветувања на новата влада, но тоа сега доби една полоша димензија, оценува за ДВ политичкиот аналитичар, Вук Станковиќ: „Тоа е голем дефицит на политиката на Александар Вучиќ. Мислам дека тоа не е проблем кој се решава со политички декрет, тоа е проблем кој мора да се реши систематски. Тоа може да се постигне со рационализација на постоечкиот бирократски апарат, со приватизација на еден дел од јавните претпријатија и можеби, по углед на некои европски земји, со промена на образовниот систем и воведување школи за образување на професионален бирократски кадар.“.

Hauptsitz der Regierung in Serbien
Фотографија: DW/I. Petrovic

Оценката на владата: 2 на 3

Во јавноста, инаку, вниманието веќе е насочено кон фактот дека можеби е погрешно да се зборува за 100 дена, туку за 2 години влада. Аналитичарите велат дека на работите може и така да се гледа, но оти е ова сепак влада на чие чело е Александар Вучиќ, со поинаква доверба од граѓаните и дека тоа и‘ дава некаква поинаква димензија. Ако владата би се оценувала како на училиште, Дејан Вук Станковиќ би ја оценил со оценка меѓу 2 и 3. „Во тој смисол морам да споменам дека сепак е покажана некаква подготвеност да се донесат некои реформски закони, како што е Законот за труд и оти колку-толку се балансира во надворешната политика“, смета Дејан Вук Станковиќ.

„Сепак, повисока оценка од тоа не може да се даде, бидејќи сме немале ништо опипливо добро за секојдневниот живот на граѓаните. Не видовме ниту една голема инвестиција, видовме само најави на тие инвестиции. Значи, тоа не е за недоволна оцена, но истовремено тоа е влада која не ви влева некоја посебна надеж дека проблемите кои ги има земјата ќе бидат решени. Едноставно, тука има многу кадровски скитања, политички мистификации, не се чувствува некој слободен дух во медиумскиот простор и тука некако ја гледате целата слабост на нашето политичко општество и неразвиените институции на системот.“

Serbischer Ministerpräsident Aleksandar Vucic
Фотографија: DW/B. Marx

(Не)успешна надворешна политика?

Кога ќе се сумира работата на владата, дури и редовните критичари на владините чекори оддаваат признание за водењето на надворешната политика на земјата. Можеби во оваа пригода треба да се потсети дека министер за надворешни работи во новата влада е Ивица Дачиќ, а тоа не е, како што можеби изгледа, Александар Вучиќ. Меѓутоа, и тука се поставува прашањето како е водена одлична надворешна политика ако токму овие денови Србија наводно е повторно изложена на притисоци појасно да се изјасни за украинската криза...

Уредникот на надворешнополитичката рубрика на магазинот „НИН“, Владан Марјановиќ, споменува дека „можеби сеќавањето на хиперактивниот Вук Јеремиќ ја искривува перцепцијата, но и оти се се стекнува впечаток дека по Иван Миркиќ, ни Ивица Дачиќ не е баш министер за надворешни работи со полн мандат. Односно, оти не е видлив онолку колку што се очекува. Така во овие 100 дена сите неизбежно ги регистриравме заминувањата на Вучиќ во странство и средбите кои таму ги имаше, додека за Дачиќ е многу потешко да се сетиме каде бил, со кого се сретнал и што воопшто работел. Не затоа што не ја извршувал работата која му е доверена - за ова кусо време според сопствено броење се сретнал со 44 свои колеги - туку затоа што Вучиќ,според системот „држава-тоа сум јас“, и во надворешната политика, како и во сите други области на делување на владата, се‘ земал во свои раце, во мерка во која тоа физички е можно. На Дачиќ му е препуштен помалку гламурозниот, поздодевниот дел од работата на водење надворешна политика на дневна основа.

А дали е „меѓународната положба на Србија многу подобра отколку што беше тоа порано“, како што тврдат и Дачиќ и Вучиќ, е прашање за дискусија. Можеби подобро би било да се каже дека не е полоша отколку што беше. „А ако Вучиќ денес го примаат нагости помалку мрзоволно отколку неговите претходници, тоа е затоа што Србија во меѓувреме стана максимално кооперативна по прашањето Косово. Само да не е украинската криза да им ја нарушува среќата на Дачиќ и Вучиќ“, истакнува Владан Марјановиќ.

Lawrow und Dacic 16.06.02014 Belgrad
Фотографија: Andrej Isakovic/AFP/Getty Images

На погрешна страна на историјата

Од друга страна, Јелена Милиќ, директорка на Центарот за евроатлански студии, смета дека Србија нема надворешна политика, па така не може да го фалите она што не постои. Србија во најдобар случај има нешто што се вика систем на управување со криза наместо надорешна политика. Делумно за таа погрешна проценка дека имаме добра надворешна политика е виновна и западната меѓународна заедница, која се‘ фрли на една карта - картата на Бриселскиот договор, вели Јелена Милиќ. „Ние како да не разбираме дека определувањето за европска интеграција не е надворшна политика на една земја. Надворешна политика не се само економските и трговските интереси туку и усогласување со една, друга или трета група земји. Србија како да не разбира оти не е исто да не учествува и да се нема став. Недостатокот на став по повод Украина и Русија ми изгледа како уште една ситуација во која Србија ќе биде на погрешна страна на историјата“, смета Јелена Милиќ.

Од затвор до директори

Merkel mit Vucic 11.06.2014 Berlin
Меркел и Вучиќ во Берлин (11.06.2014)Фотографија: picture-alliance/dpa

Во текот на изминатите сто дена српските тајкуни минаа долг пат од државни непријатели број 1 до блиски соработници на власта. Немаше ден без токму премиерот Вучиќ да не ги прозива во медиумите и борбата против тајкунизацијата на Србија да ја стави во прв план на својата влада. А тогаш, преку ноќ, Србија доби тајкуни кои наместо во затвор, како што се закануваше власта, ќе застанат на чело на големи јавни претпријатија!? Така, се говори дека Милан Беко, еден од актерите на 24-те спорни приватизации во Србија , ќе биде директор на Железници на Србија.

„ Ако прва асоцијација ви е Владимир Путин и рускиот начин на 'пресметка со тајкуните', целосно сте во право“, истакнува Јелена Милиќ. „Уште пред неколку години говорев за 'Путинизација на Србија' и сега се гледа дека не бев далеку од вистината. Мене стилот на владеење во Србија сѐ повеќе ме потсетува на начинот на кој Владимир Путин ги уценува олигарсите, опозицијата, граѓанското општество, Западот. Наместо да се јакне системот во кој наплатувањето на даноци, исплаќањето на долговите, потеклото на имотот, ќе бидат нормирани со закон, ние повторно се враќаме на еден авторитарен начин на владеење со земјата настрана од институциите“.

Многу ветувања и малку исполнети очекувања, тоа е билансот на стоте дена на владата, вели Милиќ. „Оправдување за тоа не е тешката економска состојба, ниту тешката регионална ситуација. Мислам дека тоа едноставно е таа волја за моќ и наклонетост кон недемократски и авторитарни начини на владеење, нешто што во текот на последните 100 дена ги збунуваше и граѓаните на Србија, но и српските партнери на Запад“, наведува Јелена Милиќ.