1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Започна демонтажата на Фолксваген

Хенрик Беме/Зоран Јордановски29 септември 2015

Германското правосудство веќе работи врз случајот Фолксваген. За водечкиот европски производител на автомобили и за неговиот „довчерашен“ шеф Мартин Винтеркорн доаѓаат тешки времиња, смета Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/1GfXN
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Spata

Само еднаипол недела по откривањето на скандалот со манипулирањето на издувните гасови кај дизел-возила на Фолксваген, државното обвинителство во Брауншвајг веќе започна со истрага против Мартин Винтеркорн под сомнение за измама. А и самиот концерн поднесе пријава до обвинителството со цел да се разјасни кој е во крајна линија одговорен за вградувањето на манипулирана електроника во моторот и кој кога знаел за тоа.

За шефот на најголемиот европски производител на автомобили, кој сакаше да го донесе концернот на самиот светски врв, тоа е најлошото што можеше да му се случи. Обработката на скандалот од страна на правосудните власти ќе има значително влијание врз животната есен на 68-годишниот Винтеркорн. Ако се докаже дека знаел за манипулациите, нема да му остане многу од милионите што ги заработи во Фолксваген, а од неговото животно дело - баш ништо.

Deutschland Wolfsburg Autostadt VW Logo
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Цунами за Фолксваген

Многу поважен дел е иднината на концернот Фолксваген. Кон него доаѓа цунами од тужби, илјадници судски постапки, казни изразени со милијарди евра, штета за имиџот која не може да се искаже во бројки. Притаената надеж во Волфсбург дека и други го правеле истото, досега не се остварува - Фолксваген е единствениот кој е откриен.

Со скандалот со манипулирањето на издувните гасови, независно од неговиот исход, за Фолксваген започнува нова ера. Стратегијата на фирмата веќе не е да стане број еден во светот, туку да се спаси од разбивање. Оти истрага не е поведена само во Брауншвајг, туку ширум светот властите во разни земји ги испитуваат активностите на германскиот концерн на нивен терен.

Особено жестоко секако ќе биде во САД, оттаму на Фолксваген му се заканува најголемата опасност. Безбројни сопственици на автомобили од негово производство се чувствуваат измамени и веќе поднесоа тужби, повеќе американски сојузни држави имаат намера заеднички да водат истрага против концернот. Меѓу тужителите е и еден пензиски фонд, кој од падот на вредноста на акциите на Фолксваген поради скандалот загубил стотици милиони долари.

Фолксваген навистина има одвоено големи суми пари за вонредни ситуации, но тоа сепак веројатно нема ни од далеку да биде доволно за да се платат казните што можат да се очекуваат или надоместот за соодветни спогодби, за да се избегнат скапите судски процеси. Со оглед на согледливите енормни оптоварувања, големите рејтинг-агенции веќе го преиспитуваат категоризирањето на бонитетот на концернот.

Symbolbild Auspuff Abgas VW Volkswagen Skandal Diesel AU Abgassonderuntersuchung
Фотографија: picture-alliance/dpa/Jan Woitas

Нова структура, неизвесна реализација

Успехот што пред околу половина година Мартин Винтеркорн го извојува во дуелот со неговиот поранешен патрон Фердинанд Пиех, сега дефинитивно се покажува како Пирова победа. Пиех ја согледа опасноста што произлегува од закоравените структури во царството на Фолксваген. Но, неговиот приод за решение на проблемот, сосем во стариот стил на патријарх - едноставно да се истера Винтеркорн - испадна истрел во празно.

На концернот Фолксваген навистина му е потребна модерна структура. Надзорниот одбор минатиот петок веќе донесе такво решение. Но, крајно е неизвесно дали во Волфсбург во наредните месеци, можеби и години, ќе најдат сила и концентрација на таа нова структура навистина да и’ вдахнат живот.