Залудна летечка дипломатија
20 октомври 2015„Ние не сме тука за да посредуваме“. Германскиот министер Франк-Валтер Штајнмајер употреби повеќе варијации на оваа реченица за време на неговото патување. Војната во Сирија доминираше на разговорите во Заливот, со претставниците на Саудиска Арабија и Иран. „Посакуваме Иран да игра конструктивна улога во меѓународната заедница и во однос на своите соседи“, рече Штајнмајер во еден говор во Техеран. Два дена подоцна, слична порака: „Бараме поддршка од Саудиска Арабија за политичко решение во Сирија“.
Иран: од непријател до партнер?
Цели 12 години еден германски министер за надворешни работи не бил во Иран. Штајнмајер беше пречекан како ѕвезда. Договорот за атомското оружје му ги отвори ширум вратите на глобалната сцена на Иран, а земјата јасно покажува дека сака да игра улога. Но Штајнмајер јасно стави до знаење дека тоа нема да се случи преку ноќ. „Прашањето сега е дали Иран ќе ги исполни своите обврски“. За време на разговорите добил впечаток дека Иран сака тоа да го стори, но: „Не очекувам резултати пред крајот на јануари“. Но и тогаш нема да оди се како подмачкано: непријателското однесување на земјата кон Израел и особено поддршката на Техеран за сирискиот претседател Башар Ал Асад важат за големи пречки.
„Побарав од Иран да изврши притисок врз Асад за деескалација на состојбата“, рече Штајнмајер на заедничката прес-конференција со иранскиот колега Зариф. Но, тој не отстапи. „Одлуката мора да ја донесе сирискиот народ“, гласи формулата на Зариф. За посакуваното подобрување на односите со соседот Саудиска Арабија во моментов не може ни да се помисли. Несреќата во Мека во која и бројни Иранци го загубија животот, дополнително ги влоши традиционално лошите односи. Зариф го повтори обвинувањето дека саудиската влада ја предизвикала трагедијата.
Саудиска Арабија: вториот голем играч
Ваквите обвинувања Саудиска Арабија ги отфрла. Притоа, и подготвеноста да се седне на заедничка маса со Иран за сириското прашање, е еднаква на нула. Саудискиот министер за надворешни работи Абел ал Џубеир вели дека е подготвен да разговара со Иран, но наведува и услови: „Иран мора да се повлече од Сирија, мора да ја запре поддршката за Асад и да ги повлече борците на Хезболах од Сирија“.
„Стратешко трпение“ го нарекува Штајнмајер неговото најважно дипломатско оружје. Но, тоа е се потешко со оглед на растечката бегалска криза. Тој очекува повеќе од земјите од Заливот. Никој не може да им диктира на земјите колку бегалци да преземат, но можат и поинаку да помогнат. „Кувајт е добар пример на земја која финансиски ги помага бегалците кои живеат во Јордан“.