Заеднички учебници по историја во Србија и Хрватска
25 април 2010Историчарот Предраг Марковиќ е скептичен кон најавата на двајцата претседатели и оценува дека проектот за заеднички учебници по историја не може да се реализира од повеќе причини. Има некои елементи од историјата, околу кои Србија и Хрватска би можеле уште и да се согласат. Но, за цела низа настани од поновата историја во 20 век двете земји имаат дијаметрално спротивно видување. Тоа посебно се однесува на настаните од периодот на Втората светска војна, како и на воените конфликти при распаѓањето на Југославија во деведесетите години од 20 век.
„На Хрватска, на пример, би и’ било проблем да прифати поинаков статус на четничкото движење во Србија. Или на пример тоа дека постои некаква вина на Хрватска за војните од деведесетите години...“
Про-европски проект
Од друга страна историчарот Љубодраг Димиќ за Дојче веле тврди дека таков проект може да се оствари, доколку политичарите навистина имаат волја за тоа. Професорот на Филозофскиот факултет во Белград вели дека заедничките учебници по историја се голем европски проект, кој би бил многу важен сигнал до Брисел за волјата на двете земји да се вклучат во европските интеграции:
„Доколку постои таа иницијатива, можеме сите да се радуваме што во некоја догледна иднина ќе имаме заеднички учебници. Значи можеме да се надеваме дека ќе се појават и истовремено може да тагуваме затоа што ги немало до сега за да формираат поинаква свест на овие простори и тоа на многу потолерантен начин. Но, досегашното искуство на европските земји на овој план секако ќе помогне за да се дојде до заедничка историска свест кај населението, т.е. младите генерации со помош на заеднички учебници по историја да стигнат до идната обединета Европа!“
Стар баласт
Историчарите во секој случај предупредуваат дека актуелната наука ја оптоваруваат слики од минатото, што ги создавала Комунистичката партија на Југославија. Таа заедничка слика на историјата, што ја застапуваше поранешната владеачка партија, содржеше во себе многу елементи на симетрија, кои не и’ соодветствуваа на вистината, нагласува Љубодраг Димиќ. Тој смета дека во првата генерација, кога ќе се појават таквите заеднички книги по историја, ќе мора да се заобиколат многу теми. Од друга страна, доколку од учебниците се исфрлат проблематичните точки, тогаш во нив ќе останат само политички коректните содржини. А таков случај веќе имавме со учебниците во поранешна Југославија, при што видовме дека спорните и трауматични теми сепак негде ќе се појават со тек на време: „Во СФРЈ имавте политички најкоректни учебници. Тоа значи дека и Ратко Младиќ и Анте Готовина, кои играа клучна улога во воените судири, учеле од тие максимално коректни и мултинационални учебници, па сепак не научиле што значи мултикултурно општество и толеранција“, заклучува професорот Марковиќ.
Освен тоа се поставува и оправданото прашање, како да се напишат заеднички учебници по историја кога и за сегашните има големи отпори како во Србија, така и во Хрватска. Веќе тие се повод за големи спорови внатре во земјите, па може да си замислите како би било со заедничките, забележува Марковиќ.
Автор: Ивица Петровиќ/Горан Чутаноски
Редактор: Трајче Тосев