Заев: Јас ја добив довербата, но од дебатата сите излеговме победници!
12 мај 2014Зоран Заев останува на лидерската позиција во СДСМ. Така решија 413 делегати од вкупно 593 колку што гласаа на вчерашниот Конгрес на опозициската партија, што покажува растечка доверба во него откако е избран на чело на партијата пред 11 месеци. Поддршка од Конгресот добија и заменик-претседателката Радмила Шекеринска, Централниот одбор и Надзорниот одбор.
„Треба да сте горди и среќни затоа што сме СДСМ. Победи демократијата и дебатата - тоа е квалитет кој го поседува само СДСМ. Ве уверувам сите, дека како ваш претседател кој добил доверба во едно тешко време, ќе градам единство со сите капацитети, ќе пружам рака секому. Вечерва нема ни победници, ни поразени. Се' што беше кажано треба да се разбере како коректив за ова раководство“, порача Заев веднаш по соопштувањето на резултатите од гласањето на делегатите, кои беа проследени со овации од присутните. По завршувањето на Конгресот, Заев во интервју за Дојче веле ги сподели импресиите од дебатата и конгресниот епилог.
ДВ: По долга и жешка дебата, вечерва заминувате за Струмица како победник од Конгресот. Задоволен ли сте од степенот на искажаната доверба?
„По повеќе од 12 часа дебата, ја добив довербата од делегатите на Конгресот, а таа е многу поголема од довербата што ми ја дадоа минатата година кога ме избраа за претседател на партијата. За мене тоа претставува огромна чест и уште поголема обврска. СДСМ е пред специфичен моментум во своето работење, и оваа силна доверба значи и дополнително охрабрување да опстоиме во одлуките, кои органите и телата на партијата, преку усвоениот извештај за изборите, едногласно ги потврдија: непризнавање на изборниот процес и неприфаќање на пратеничките мандати. На тоа ќе опстојуваме се' до постигнувањето на конечната цел - Република Македонија да биде подготвена за спроведување слободни, фер и демократски избори и да стане земја во која ќе владее правото“.
ДВ: Тоа значи дека од утре ве чека тешка задача и напорна работа. Кои чекори ги договоривте за постигнување на тие цели?
„Конгресот денеска ги најави следните чекори од идната платформа на дејствување. Но, тие многу бргу ќе бидат и финално потврдени од Централниот одбор на партијата и тогаш целосно ќе ги соопштиме“.
ДВ: Сопратијците кои на Конгресот побараа оставка од вас, не го коментираат епилогот, претпоставувам, во име на посакуваното единство во партијата. Ви честитаа ли на добиената доверба?
„Да, ми честитаа и беа присутни во салата до крај, до соопштувањето на резултатите од гласањето. Си посакавме заедништво и сплотеност во натамошната работа на партијата, гордеејќи се што оваа демократска дебата сигурно не направи поединствени, помудри и порешителни од порано“.
ДВ: Конгресот едногласно ги потврди одлуките на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ за непризнавање на изборниот процес и неприфаќање на мандатите за пратеници. Но, од пред два дена, СДСМ практично „има“ пратеничка група во Собранието со верификувани мандати. Како ќе ја решите оваа ситуација?
„Од утре влегуваме во правен процес за докажување дека со таа скандалозна одлука е прекршено уставното право на избор, законот и парламентарната практика од 2008 и 2011 година. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ добро знаат зошто го велам ова. Кога се водеа разговорите за измени на Изборниот законик, во јануари, тие преку Министерството за правда предложија член којшто ги верификува мандатите токму на ваков начин. Ние не го прифативме тој предлог-член, бидејќи беше неуставен и поради тоа потоа беше повлечен, го снема. Но, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, спротивно на тоа, сега се однесуваат како да го има.
ДВ: Како гласеше тој предлог-член?
„'Правото за откажување од мандатот за пратеник е дозволено откако на пратеникот ќе му биде верификуван мандатот'. Ова е спротивно на Уставот, кој предвидува дека секој граѓанин има право на избор. Поради тоа, уште тогаш предлог-членот беше отфрлен, а сведоци за тоа се сите четирите партии кои учествуваа во разговорите: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА“.
ДВ: Согласно со усвоените одлуки за непризнавање на изборниот процес, денеска нема да присуствувате на инаугурацијата на претседателот Ѓорге Иванов, за неговиот втор мандат. Од ДУИ исто така најавуваат отсуство од седницата. Како го оценувате тој „паралелен“ чин од страна на ДУИ, со оглед дека партијата од една страна веќе води разговори ВМРО-ДПМНЕ за состав на новата влада?
„Се' е само интерес и лага пред граѓаните на Република Македонија. Ниту се работи за грижа за економскиот развој и за иднината на земјата, ниту за нејзината европска перспектива. Важно е само да се биде на власт, без какви било морални вредности и одговорност пред граѓаните“.