Заев: Нека ме уапсат!
1 јули 2015Не го признавам правосудството како независна власт, соопшти денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев, еден ден по одлуката на Кривичниот суд, кој го прифати обвинителниот акт против него за случајот „Пуч“, и ги отфрли приговорите на одбраната.
„Правосудството е под целосна контрола на Груевски. Соопштувам дека нема да се појавувам на рочиштата за случајот „Пуч“. Нема да ја почитувам судската мерка да се појавувам во судот секој понеделник во 9 часот, ниту други мерки. По ова мое соопштение, судот е должен, според Законот за кривична постапка, веднаш да изрече мерка притвор и да ме лиши од слобода. Јас сум или во просториите на СДСМ или во 'Кампот на слободата'. Слободно можат да дојдат тука и да ме апсат“, рече лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија, Зоран Заев на денешната прес-конференција.
Според лидерот на СДСМ, одлуката на судот ја покажува зависноста од извршната власт. Тој укажа дека не е дадено објаснување за фактите на одбраната ниту за обвинувањата за шпионажа, бидејќи не е посочено за која странска служба или држава била вршена таа шпионажа. Обвинението за „Пуч“ го нарече „монтиран процес“ и „врв на апсурдот“.
„Лидер на опозицијата се обвинува за насилство врз функционер, затоа што барал техничка влада и предвремени избори, а јавноста знае за договорот на лидерската средба, во присуство и на меѓународната јавност на која се договорени и предвремени избори. Доказите на Никола Груевски за предметот „Пуч“, не смеат да се користат бидејќи се прибавени со ПИМ мерки. Нивното објавување во јавноста е недозволиво со закон и е кривично дело. Нема налог од Врховниот суд за користење на ПИМ мерки, за кривичното дело шпипнажа“, рече Заев и потенцираше дека извештајот на експертската група од ЕК предводена од Рајнхард Прибе ги потврдила сите недостотатоци на судството.
Заев најави дека независно од притисоците врз него, преговорите ќе продолжат, бидејќи е загрозена слободата и иднината на граѓаните. Toj повика до крајот на неделата да се постигне договор помеѓу лидерите на партиите и ги демантираше медиумите кои објавија дека постојат тајни преговори. Според него тоа се редовни констулации во текот на преговарачкиот процес.