Заев: „Немаме нови години за губење од изгубените во времето и просторот“
30 декември 2013„СДСМ заедно со Вас го вперува прстот кон виновниците од власта и сериозно ги предупредува дека Македонија и нејзините граѓани нема да им дозволат нова кражба и ново газење по честа и достоинството. Немаме нови години за губење поради нечовечката злоупотреба на власта од изгубените во времето и просторот. Токму затоа, и оваа 2013 година може да ни биде од полза, доколку знаеме како да извлечеме поуки од неа“, порача Заев.
„2013 година сите заедно ќе ја запаметиме како година на наше назадување, отуѓување и осиромашување, иселување и борба за преживување. За Македонија 2013 година беше година на изгубени битки каде преовладуваше микро раскош и макро беда“ истакна Заев во своето обраќање. Тој смета дека 2013 година некој им ја украл на граѓаните за сопствени потреби.
„Годината што изминува да нѝ биде лектира од која ќе научиме како не треба, како не смее и како не мора. Ништо нема да се промени доколку ние сами не се промениме, не го промениме начинот на нашето однесување и делување“, порача лидерот на СДСМ.
Заев апелираше граѓаните во новата 2014 да се вратат кон изгубените вредности, како човечноста и хуманоста и најави дека како партија тие ќе се борат стравот да го заменат со храброст, а сиромаштијата со достоен живот.
„СДСМ, заедно со граѓаните, цврсто и непоколебливо опстојува во намерата да го промени хаотичниот амбиент во државата. СДСМ заедно со граѓаните се одлучни стравот да биде заменет со храброст, шепотењето со слободен и силен збор, очајот и песимизмот да го заменат со гордост и оптимизам, сиромаштијата и социјалната неправда со достоинствен живот. Режимот ќе биде заменет со апсолутна слобода за сите“, истакна Заев во обраќањето. Тој додаде дека СДСМ ќе се бори Македонија да стане составен дел од европското семејство.
На крајот од своето обраќање тој на сите граѓани Заев им посака весели и среќни новогодишни празнувања со искрени желби за среќа, здравје, радост, бериќет, спокој, мир и успеси во новата 2014 година.