1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една контрола на граничниот премин Табановце/Прешево

ЖА
26 август 2019

Премиерот Заев и српската премиерка Брнабиќ го отворија проектот за заедничко гранично управување на преминот Табановце-Прешево, кој треба да значи пократко чекање и годишни заштеди за државите од 8 милиони евра.

https://p.dw.com/p/3OVAX
Grenze zwischen Nord-Mazedonien und Serbien
Фотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Премиерите на Северна Македонија и на Србија, Зоран Заев и Ана Брнабиќ, денеска го пуштија во употреба проектот One-stop-shop, заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување на граничниот премин Табановце/Прешево.

Со овој проект се очекува намалување на можноста за царински измами и корупција, а истовремено и олеснување на трговијата и зголемување на стабилноста и безбедноста во регионот.

Премиерот Зоран Заев истакна дека двете влади денеска исполнуваат уште една обврска од проектот за интеграција на Република Северна Македонија и Република Србија, како на регионално, така и на европско ниво.

„Ова претставува последна фаза во создавањето услови за поголема размена на стоки и полесно движење на граѓаните. Времето на минување на граница ќе се намали за повеќе од половина, што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи меѓу двете држави, како и на бројот на транзитни туристи“, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека на деловните луѓе за половина ќе им се скрати времето за царинските постапки, контролите ќе се вршат на едно место од страна на царинските служби, а предвидено е и меѓусебно признавање на сертификатите на граничните агенции, фито-санитарни и ветеринарни.

Die serbische Premierministerin Ana Brnabic zu Besuch in Nord-Mazedonien
Зоран Заев и Ана Брнабиќ го пуштија во употреба проектот One-stop-shopФотографија: DW/P. Stojanovski

Српската премиерка Ана Брнабиќ оцени дека воведувањето на заедничката гранична контрола претставува можен почеток на нова епоха во развојот на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан.

Со воведувањето на заедничката гранична контрола, полицајците и цариниците од двете земји ќе работат во заеднички канцеларии, во кои на едно место ќе се врши контрола на сите гранични формалности. Договорот меѓу Северна Македонија и Србија беше потпишан меѓу двете влади на 12 јули годинава, по што беше експресно брзо усвоен и од собранијата на двете земји.