1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли светло на крајот на тунелот кон ЕУ

ДТЗ /ДВ
18 декември 2020

И по блокадата на заклучоците од Словачка и Чешка, премиерот вели дека чувствува и горчина, но и надеж дека нема да се изгубат европските вредности и принципи

https://p.dw.com/p/3mwMB
Nordmazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Umeys Sulejman/picture alliance/AA

„Што им оставаме на децата и на идните генерации, кои сега чекаат од нас? Дали ќе им оставиме аманет на пријателство, на братство, на заедништво, на европски вредности, на меѓусебно помагање или ќе ги поделиме и разделиме повторно, како во времето на железната завеса“. Ова е пораката којашто ја испрати денеска македонскиот премиер Зоран Заев еден ден откако пристигна веста дека Словачка и Чешка ги блокирале заклучоците за напредокот на Западен Балкан во процесот на проширувањето на ЕУ. Заев од Ресен порача дека тој и бугарскиот премиер, Бојко Борисов треба да го имаат тоа предвид при испишувањето на историјата. 

-повеќе на темата: Словачка и Чешка: Нема да дозволиме ЕУ да ни биде судија за историјата

Иако Бугарија претходно стави вето на усвојувањето на преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија, што истовремено го блокираше и отпочнувањето на пристапни преговори со Албанија, Заев е дециден дека разговорите со Софија продолжуваат. Но, како што потенцираше, за македонскиот идентитет и македонскиот јазик ниту се преговора, ниту се разговара. 

Се уште има европско во ЕУ

Коментирајќи го вчерашниот гест на Словачка и на Чешка, Заев нагласи дека му е драго што се уште има „европско во ЕУ“. „Ова го кажувам малку со горчина, оти, ако некој заслужил да добие поддршка за следниот чекор на патот кон ЕУ, тоа е Северна Македонија, македонскиот народ и сите наши граѓани кои живеат во нашата земја. ЕУ не смее да ги изгуби европските вредности и принципи“, вели македонскиот премиер. Во тој дух, тој се надева дека Европа ќе продолжи да го испраќа европскиот сигнал кон земјите кандидати за членство во ЕУ, затоа што немаат друга алтернатива. 

-повеќе на темата: Блокадата на Чешка и Словачка е удар и за германското ЕУ-претседателство

„Или како што има кажано во минатото – нема да го изгасне светлото што не води во мракот, за да не бидеме изгубени, затоа што таа водилка е нашата мотивација за реформите и за да бидеме подобри граѓани, да ја европеизираме државата, да го средиме правосудниот систем, да имаме сила и енергија да градиме објекти за нашите деца, да го осовремениме здравството и уште повеќе да ја подобриме инфраструктурата“, порача Заев.

Се чека одговор

Заев потсети дека на 10 декември, при посетата на специјалниот претставник на Владата Владо Бучковски на Бугарија, заедно со државниот секретар Зоран Попов, на властите во Софија им се предадени нови идеи, кои треба да ги разгледаат и се чека повратен одговор од нив. „Драго ми е што почесто потврдуваат и од бугарската страна дека тие ја прифаќаат реалноста за постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик, затоа што тоа е минимум европско, минимум цивилизациско. И верувам дека така ќе продолжиме“, изјави Заев.

-повеќе на темата: Чешко МНР: Заклучокот е штетен за процесот на проширувањето на ЕУ

Чешка и Словачка синоќа го образложија своето вето со незадоволството поради блокадата на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Освен тоа, тие критикуваат што на притисок од Бугарија во заклучоците е вметнат дел за спорот околу историјата со Северна Македонија. „Чешката Република отсекогаш била постојан поддржувач на политиката на проширување во последните 16 години. Тоа не се промени со оваа одлука. Сепак, по внимателно разгледување, не можевме да дадеме согласност за нацртот презентиран за одобрување. Главната цел е да се усвои Преговарачката рамка што е можно поскоро. Сепак, сегашниот текст може да има спротивен ефект. Според наше гледиште, тој содржи термини за фалсификување на историјата што би можеле да бидат штетни за процесот на проширување“, велат од чешкото МНР.