Забави и уживај: Може ли туризмот да го спаси Лукомир?
9 септември 2019Селото Лукомир е сместено е на околу 1500 метри надморска височина на планината Белашница. Тоа го прави највисоко населено место во Босна и Херцеговина. Селото не е населено во текот на целата година.
Зимата е премногу сурова, а и многу жители се иселени во странство. Оние кои се во БиХ налето доаѓаат редовно во родното место. Меѓу нив е и Мушан Маслеша:
„Јас сум пензионер и доаѓам за викенд по 2-3 дена, па се враќам долу, дома. Таму имам градина. Малку овде, малку долу и така ти е тоа во текот на летото. Назима не сум овде, назима нема никого овде.
Мушан Маслеша вели дека налето во Лукомир му е поубаво отколку во Сараево. Полека ја обновува својата куќа и се жали дека младите не се интересираат за селото: „Оние што се родени долу, не сакаат многу да доаѓаат. Јас имам два сина и тие може никогаш да не дојдат овде. Ним им е сеедно за селото, а јас веројатно сум поминал повеќе време овде и сум запомнил и добро и зло.“
Летните жители на Лукомир можат по нешто и да заработат. Шарени волнени чорапи висат на оградата на речиси секоја куќа. Се продаваат и планински чаеви, како и други сувенири.
„Интересно им е на сите кои доаѓаат. Убаво, планини, убава природа. Но, назима, не дај боже да си овде“, вели Мушан.
Има и млади кои го користат летниот туристички потенцијал. Нарсид Маслеша пред 4 години отворил кафеана во Лукомир: „Променив којзнае колку работни места. Но, никаде не се пронајдов и никој не дава договор на неограничено време, така што го покренав ова на моја и на иницијатива на татко ми.“
Нарсид вели дека е среќен и дека има премногу работа. Тој е во потрага по работници:
„Супер! Презадоволен сум. Уште да има некој кој сака да работи, би бил добредојден. Не можам да најдам работници.“
Туристите не се реткост во Лукомир. Еден човек од Белгија доаѓа редовно:
„Лукомир е преубаво мало село. Ние доаѓаме овде повеќе од 10 години. Не секоја година, но понекогаш. Мислам дека селото доста се промени. Стана премногу модерно.“
Приказната за Лукомир овде: