1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот меѓу два света

Џина Крималовски/ А.Трајковска21 септември 2014

Многу луѓе од Ирак и Сирија се во бегство. Оние кои ќе стигнат во Германија се сместуваат во прифатни центри. Како изгледа нивното секојдневие?

https://p.dw.com/p/1DGQH
Фотографија: DW/Sophie Schimansky

„Таму избегавме од смртта, овде сме за да живееме!“, раскажува 28- годишниот Али од Дамаск. Тој не сака да го каже презимето, ниту да биде фотографиран. Неговиот шок е голем. Тој работеше како хуманитарен соработник во Сирија кога дозна дека треба да биде уапсен од тајните служби. Бегајќи стигнал во град контролиран од исламистичката терористичка група Исламска држава (ИД). За неговите доживувања и тамошните услови за живеење не сака да зборува: „Таму не беше можно да се живее, постоеше само можност за бегство“. Откога пристигна во Германија не го напушти стравот за оние кои останаа во Сирија. Затоа е важно да остане анонимен, оти многумина кои се дојдени тука се убедени во меѓународното вмрежување на џихадистите. Овде во прифатниот центар во Берлин-Гатов чека што ќе се случи со него. Мора да биде поднесено барање за азил, а потоа сѐ зависи од властите. Времето потребно за обработка на ваквите барања варира.

Многумина млади мажи од Ирак и Сирија најчесто сами бегаат во странство, честопати тоа е и финансиско прашање. Да се стигне во Европа чини многу пари. Штом ќе биде одобрен азил постои можност да се поднесе барање за спојување на семејството и остатокот од семејството по официјален пат да се донесе во Германија.

„Да се конвертира, да се купи слободата или да се умре“

На тоа се надева и Висам Момика, 36- годишен ирачки христијанин. Тој делува уморен, но енергичен е, не сака да се предаде. Неговата жена и трите деца во моментов се во бегство, преноќуваат во автомобил на еден паркинг во Курдистан. Тие се посебно во опасност поради нивната вера. „ИД не‘ става нас христијаните пред избор: да конвертираме, да си ја купиме слободата или да умреме. За долгорочно да преживееме ни преостанува само бегството“. Тој постојано вади документи за да покаже дека има докази. Неговата борба ни оддалеку не е завршена, иако тој е во Европа. Како еден од малкуте христијани од Блискиот Исток тој не се чувствува добро во прифатниот центар. Неговото барање за еднокреветна соба беше одобрено, откако неговите состанари повеќепати пуштале гласно религиозна муслиманска музика, кога тој бил во заедничката соба.

Flüchtlingsheim Berlin-Gatow
Висам МомикаФотографија: DW/Sophie Schimansky

Во долгите ходници на поранешниот негувателски дом светлото е пригушено и владее клиничка атмосфера. Кога заедно со нас седи во еднокреветната соба станува јасно како минува секојдневието на еден бегалец. На закачалки над креветот висат неколкуте парчиња облека кои ги поседува, во еден орман има малку кунјски прибор и прехранбени производи. На масата се наоѓаат документите, кои му се потребни за спојување на семејството, доколку му биде доделен азил. „Во меѓувреме ми е сеедно каде ќе бидам прифатен. Главно наскоро повторно да можам да си го видам семејството“. Тој е во контакт со нив колку што може почесто, пред сѐ преку мобилен телефон. Во собата нема сигнал, па затоа мора да излезе надвор за да телефонира.

Подобра иднина во Германија

Мобилниот телефон се чини дека овде за многумина е најважното нешто што го поседуваат. Амер, кој има 32 години и исто така е од Ирак, речиси не го испушта од рака, секоја минута фрла поглед на дисплејот. Тој морал да побегне преку ноќ, имало конкретна закана, за која не сака да зборува. „На мојата вереница не можев да и‘ раскажам дека ќе бегам, оти тоа ќе ја донесеше во опасност“. Вереницата е лута, преку Whatsapp постојано се караат по неговото бегство. И поради нејзе Амер сака да остане анонимен. Освен тоа многу членови на неговото семејство и пријатели сѐ уште се во Багдад. Тој не сака да ги доведе во опасност. Со мајка му зборува речиси секој ден. „Кога телефонираме постојано се обидува да ме смири, сѐ ќе било добро, но знам дека тоа не е точно“. Кога побегнал таму имало секојдневно експлозии, многу луѓе биле убиени. За него Германија е иднината.

Flüchtlingsheim Berlin-Gatow
Прифатниот центaр во Берлин-ГатовФотографија: DW/Sophie Schimansky

На лош англиски јазик тој раскажува дека веќе се информирал за курсеви по германски јазик, радо би сакал да ги зарши студиите, и да си ја изгради иднината. Тој смета дека условите во бегалскиот камп се во ред, бил безбеден и доволно снабден. Меѓутоа кога станува збор за политички теми тој е категоричен: „Ние избегавме од тие конфликти, не го сакаме тоа тука“.

Flüchtlingsheim Berlin-Gatow
Висам (лево) во разгвороФотографија: DW/Sophie Schimansky

На крајот сите седат заедно и разговараат, на една клупа во мирниот Берлин-Гатов. Возрасни мажи, кои од страв за својот живот побегаа од татковината и сега во една туѓа земја одново мораат да го градат својот живот. Амер од Багдад, Али од Дамаск и Видам, ирачки христијанин. Околу нив во дворот на бегалскиот камп си играат деца со велосипеди, мајки туркаат бебешки колички. По различни патишта сите тие се дојдени во Германија, секој од нив има своја приказна, но едно им е заедничко. Сите тие се надвеаат на подобра иднина во Германија.