1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестоки борби во Источна Украина

ЖА/дпа/афп/ртре22 мај 2014

Во борбите меѓу сепаратистите и армијата во Источна Украина повторно има повеќемина загинати. Во самонаречената „Народна Република Луганск“ властодршците прогласија воена состојба.

https://p.dw.com/p/1C4em
Фотографија: Viktor Drachev/AFP/Getty Images

Во два напади на сепаратистите во Источна Украина ноќеска се убиени девет украински војници, а 18 се повредени на околу 20 километри јужно од Доњецк, соопштија украински безбедносни извори. Украинските сили синоќа, исто така, се судриле со проруските сепаратистички сили и во соседната Луганска област, при што еден војник е убиен, а неколкумина се ранети.

Сепаратистите пак тврдат дека во борбите се убиени 20, а ранети 42 лица. Официјална потврда за информацијата нема.

Во Доњецката и Луганската област, на истокот на Украина, на 11 мај беа одржани спорни референдуми за самоопределување, по кои беа прогласени „Доњецката Народна Република“ и „Луганската Народна Република“.

Воена состојба во Луганск

Раководството на самопрогласената „Луганска Народна Република“ денеска вовело „воена состојба“. Таа ќе биде во сила се‘ додека прозападното раководство од Киев не ги повлече своите трупи од регионот во близина на руската граница, се вели во образложението. Во реонот на градовите Рубежное и Лисичанск од утринава се водат борби меѓу претставниците на локалната цивилна заштита и украинските сили на редот.

Кон Луганск се движи голема колона од околу 200 воени возила, вклучувајќи ги и системите „Град“, самоодни артилериски орудија, оклопни транспортери БТР, тенкови и камиони, прудружувани од 2.000 војници на националната гарда. Се очекува украинската армија и националната гарда уште денеска да почнат со напад врз градот, наведува ИТАР-ТАСС.

Во меѓувреме од Русија доаѓаат помирливи тонови кратко пред претседателските избори в недела. Рускиот претседател Владимир Путин на маргините на својата посета на Кина изјави дека руската армија, како што беше најавено, се повлекува од границата со цел „да не се создаваат шпекулации дека Русија сака да ги спречи претседателските избори“. На забелешката на НАТО, дека не може да се констатира повлекување, Путин препорача: „Оние кои не можат да го видат, треба подобро да погледнат“. Според Путин, повлекувањето е видливо на сателитските снимки.

Јацењук: Украина бара итна седница на Советот за безбедност на ОН

Украина побара свикување на итна седница на Советот за безбедност на ОН, соопшти украинскиот премиерот Арсениј Јацењук.

„Украинските власти бараат под итно да се свика седница на Советот забезбедност на ОН заради ситуацијата во земјата“, изјави тој.

Како што јави ИТАР-ТАСС, според Јацењук, руската страна „прави обиди за ескалација на конфликтот и спречување на претседателските избори в недела“.

Раководството во Киев планира да ги обезбеди претседателските избори в недела со досега невидено присуство на безбендосни сили. Министерството за внатрешни равботи ангажира над 55.000 полицајци и 20.000 доброволци, јавуваат медиумите. Само во главниот град ќе патролираат над 8300 полицајци.

„Сакаме да оневозможиме заканувачка агресија од Русија или напади на сепаратистите“, изјави портпаролот Андреј Чали.