1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕЦБ - кредити за грчките банки

Ж.А. Цвинк / З. Јордановски28 јуни 2015

ЕЦБ сепак нема да ја „затвори славината“ за Грција. Кредитите ЕЛА, за обезбедување тековна ликвидност на грчките банки, и натаму ќе бидат давани во досегашниот обем. Но, тоа е само „капка врз врел камен“.

https://p.dw.com/p/1FofE
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Без тековните кредити за нужни случаи од Европската централна банка (ЕЦБ), грчките банки би банкротирале, оти не можат да дојдат до „свежи“ пари од ЕЦБ на вообичаениот начин. Ситуацијата уште повеќе ја заострува фактот дека многумина Грци, стравувајќи од банкрот на нивната држава, вадат големи количества пари од своите банкарски сметки.

Според информациите на ББЦ (британскиот јавен медиум - н.з.), грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис ја разгледува можноста да нареди банките в понеделник да останат затворени. Со тоа би бил запрен преголем одлив на пари од нив.

ЕЦБ критикувана за постојаното кредитирање

Во изминатата недела Советот на ЕЦБ речиси секојдневно одржуваше консултации во врска со таканаречената Итна помош за одржување ликвидност, позната и како ЕЛА-кредити. Нивниот волумен достигна до 90 милијарди евра. Тие кредити де факто ги доделува грчката централна банка, но мора да бидат одобрени од Советот на ЕЦБ, кој со двотретинско мнозинство може да ја запре таа мерка. А во Советот веќе расте отпорот против ЕЛА-кредитите за Грција.

Јенс Вајдман, претседател на германската Бундесбанка, во четвртокот повторно искажа јасна критика. Тој приговори дека ЕЛА-кредитите, кои всушност се замислени како привремена помош за банки кои во основа се солидни, во овој случај станале единствен извор за финансирање на грчките монетарни институти.

Кредиторите „избришаа“ исплаќање натамошна помош

По неуспехот на преговорите за натамошна финансиска помош, Грција оди кон банкрот. Атина до крајот на месецов мора да ги врати кредитите што ги доби од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Но, тоа ќе биде тешко изводливо, со оглед на празната државна каса. А речиси 18 милијарди евра, кои беа ветени од земјите од еврозоната и од ММФ, веќе не се достапни, оти министрите за финансии на еврозоната синоќа го отфрлија грчкото барање за продолжување на тековната програма за помош и по 30. јуни, кога таа фактички завршува.

Griechenland Banken Eurobank
Многу Грци повеќе сакаат да ги имаат парите „под перница“Фотографија: picture-alliance/dpa

„Грција останува дел од Еврогрупата“

Еврогрупата проценува дека крајот на таа програма ќе ја принуди владата во Атина да преземе вонредни мерки. Јерун Дајселблум, шеф на Еврогрупата, сепак најави дека институциите на кредиторите сакаат да дадат техничка помош за да се обезбеди стабилност на грчкиот финансиски систем. Министрите за финансии, освен тоа, потврдија дека Грција останува член на еврозоната и на ЕУ.

Сепак, нескриено е незадоволството од решението на грчката влада, синоќа потврдено и од парламентот, Грците на референдум на 5. јули да се изјаснат дали ги прифаќаат условите под кои доверителите им нудат помош од околу 18 милијарди евра. Премиерот Алексис Ципрас притоа ги повика сограѓаните да ги одбијат тие услови и нагласи дека никој не може да ја истурка Грција од ЕУ.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во разговор за весникот „Велт ам зонтаг“ искажа остра критика на сметка на грчката влада: „Не разбирам како една избрана грчка влада на својот народ му препорачува да го одбие европскиот предлог и со тоа ги зема луѓето во Грција во заложништво, за со тоа да изнуди натамошни отстапки од Европа“, рече Штајнмајер.