1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ со делумни санкции против Хамас и “умни“ санкции против Лукашенко

Бернд Ригерт11 април 2006

Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, во иднина ќе мора да се откаже од своето омилено скијање во Австрија - министрите за надворешни работи на ЕУ воведоа санкции против него и 30-мина негови соработници. Освен тоа, пресечени се и дел од парите на унијата кои одат во рацете на палестинските власти.

https://p.dw.com/p/Adq1
Еврокомесарот за надворешна политика, Бенита Фереро Валднер
Еврокомесарот за надворешна политика, Бенита Фереро ВалднерФотографија: AP

Славината за пари не е сосема затворена. Не сакаме прекумерно да го погодиме населението, туку пред се владата на Хамас, изјави еврокомесарот за надворешна политика, Бенита Фереро Валднер.

“Нема да го оставиме на цедило палестинскиот народ. Останува хуманитарната помош за образование и водоснабдување.“

Шефовите на дипломатии на ЕУ ја замрзнаа само директната помош за буџетот, од кој се исплаќаат платите за палестинските власти. Хуманитарните проекти или финансирањето на болниците и училиштата ќе продолжат. Притоа не може да се исклучи соработка со локалните претставници на Хамас, велат ЕУ-дипломати. Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, изрази жалење што Хамас не ги исполни барањата на ЕУ, имено признавање на Израел и на мировниот процес:

“Вакви сигнали, како што знаете, во изминатите недели не дојдоа од страна на палестинската влада. Затоа не е за чудо што денеска суспенидраме голем дел од финансиската помош, најмалку за период од еден месец. Потоа, како министри за надворешни работи повторно ќе седнеме и ќе направиме нова оценка на состојбата. “

Што ќе се случи за четири недели, доколку Хамас и натаму не попушта, никој не знае. Група министри, меѓу кои и францускиот, Филип Дуст-Балзи се залагаат врските со палестинските власти да не бидат сосема прекинати. Британскиот министер Стро и германскиот Штајнмаер, се за поостра линија.

Министрите за надворешни работи, разговараа и дали и какви санкции би требло да бидат воведени против Иран, доколку Техеран не ги исполни барањата на Советот за безбедност. Иран има време до крајот на месецов да ја запре својата атомска програма. Како најстрога мерка важи прекинувањето на извозните кредити, што пак ќе ги погоди и земјите од унијата кои тргуваат со Иран.

Шефовите на дипломатии договорија санкции против белорускиот претседател, Александар Лукашенко и луѓе од раководството во Минск блиски до претседателот. Австриската министерка за надворешни работи, Урсула Пласник, објaсни:

“Договоривме забрана за издавање визи за претседателот Лукашенко и 30 членови на неговото раководство, кои се одговорни за кршењето на стандардите во текот на изборите и за прогонот на опозиционерите.“

Поостри санкции, како замрзнување на белоруските финансиски средства во ЕУ, не се исклучени, но не беа воведени.