1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ се подготвува за можна трговска војна со САД

ЖА / агенции
20 февруари 2018

Доколку Вашингтон со нечесни методи ја штити својата индустрија од европската конкуренција, ЕУ ќе треба да биде во можност брзо да реагира и да возврати.

https://p.dw.com/p/2sz5l
Deutschland Harley Days in Hamburg
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz

ЕУ им се заканува на САД со казнени царини за бурбон-виски и за Харли-Дејвидсон мотоциклите, доколку Вашингтон го ограничи својот пазар за челик за европските фирми. „Одмаздничките“ мерки би требало да можат да стапат во сила во рок од неколку дена, ако дојде до нивна потреба, известува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во денешното издание.

Европската комисија во Брисел не даде официјална потврда за планираните мерки. Според информации на германската новинска агенција ДПА, уште од летоска  се работи на создавање листа на американски производи, кои во случај на американски протекционизам, би биле оптоварени со дополнителни царини.  Освен виски и мотоцикли, на неа биле компири, рум и портокалов сок.

Меркел решително против протекционизмот

Повод за ЕУ-листата се плановите на владата во Вашингтон за заштита на домашната економија со високи царини за увоз на продукти од челик и алуминиум и воведување ограничувачки квоти. Некомпатибилноста на вакви мерки со правилата на Светската трговска организација може да ја оправда реакцијата на ЕУ со воведување реципрочни мерки и царини за американски производи.

Прочитајте уште: 

„Нов пат на свилата“ против протекционизмот

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер вакво нешто навести уште минатото лето. „Америка на прво место не може да значи европските интереси да дојдат на последно место“, изјави тој тогаш.

Според извештајот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, на бриселската „казнена“ листа се наоѓаат производи од витален стопански интерес за изборните окрузи на поддржувачите на претседателот Доналд Трамп. Така, производителот на мотоциклите Харли-Дејвидсон има седиште во Висконсин, сојузната држава од која потекнува републиканскиот спикер на Претставничкиот дом, Пол Рајан. Бурбон виски се произведува првенствено во Тенеси и во Кентаки, родното место на Трамповиот поддржувач Мич МекКонел, предводникот на мнозинството во Сенатот.