ЕУ сака поостра регулатива за био-продуктите
27 март 2014Домати загадени со пестициди и лажно декларирано маслиново масло - скандалите во био-браншата се зачестија. На тоа треба да му се стави крај, смета одговорниот еврокомесар Дачијан Чолос, кој сака да ја принуди браншата на нова ориентација. Затоа, според комисијата, е неопходна ревизија на важечката еко-регулатива на ЕУ. Тоа се добри вести за потрошувачите. Новиот предлог не наиде на согласнот кај земјоделците и здруженијата за производство на био-храна.
„Био-продуктите повеќе не се само потгранка. Тие се еден значаен сектор во земјоделското производство со 20 милијарди евра годишен приход. Јасните и транспарентни правила се и повеќе од потребни“, рече еврокомесарот во Брисел.
„Мора да се засили довербата на потрошувачите, а меѓу другото мора да се заострат и контролите. Накратко - каде што стои ’био’ во иднина во Европа треба внатре и да биде ’био’“, додаде Чолос.
Што конкретно се менува?
„Сеедно дали во конвенционалните или еколошките насади, одлучувачкиот проблем е што ние воопшто не ги знаеме потрошувачите во скандалите со прехранбените производи, кои се погодените производители или кои се погодени продукти“, вели Андреас Винклер од „Фудвоч“. Треба повеќе да се поттикнуваат производителите на прехранбени производи самите да прават се’ што можат да внимаваат на нормите за производство на храна, хигиенските стандарди и ознаките. Винклер смета дека постои „огромна разлика дали производителот мора да плати парична казна и да ги повлече производите или, пак, да мора да ги информира потрошувачите за резултатите од контролата на прехранбените производи“. Еврокомесарот Чолос смета дека ефективно средство против злоупотребите би било кога на фирмите веќе не би им било дозволено да користат некој еколошки сертификат на своите производи.
Во минатото имаше се’ повеќе скандали со прехранбени производи кои беа декларирани како „био“, но тие беа загадени, на пример, со пестициди или воопшто не потекнуваат од еколошко производство. За да се врати довербата на потрошувачите ќе се менуваат одредбите во актуелната еко-регулатива. Европската комисија сака да ги заостри дозволените исклучоци, кои важат во моментов за биолошкото земјоделство. Драстично треба да биде редуцирана конвенционалната исхрана или семето за расад. Граничните вредности на контаминација со пестициди или генетски модификувани продукти исто така треба да бидат зголемени. Бидејќи тоа не може да се направи од денеска за утре, се предвидени преодни периоди. Се бара и подобар наддзор на увозот од трети земји и воведување на заеднички стандарди. Комисијата сака и повеќе да се инвестира во истражувања и развој.
Предлозите на Европската комисија се само првиот чекор. Сега Европскиот парламент и земјите-членки треба нив да ги одобрат. Веќе постојат забелешки дека овие предлози би можеле да им го направат животот на земјоделците потежок. Се укажува дека еко-земјоделците би можеле да бидат огорчени од прекумерната бирократска регулираност на производството, па да ја загубат желбата за еколошко производство.
Но, целта на Европската комисија, како што објасни еврокомесарот Дачијан Чолос, не е да ги редуцира капацитетите со еколошко производство, туку да ја зајакне довербата на потрошувачите.