ЕУ сака да помогне во обновата на Газа
7 август 2014ЕУ е подготвена, по најновиот прекин на огнот во Појасот Газа и крајот на актуелниот воен конфликт, да помогне во обновата и згрижувањето на населението. Уште по најновата средба на министрите за надворешни работи на ЕУ на 22.07.2014, високиот претставник за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон истакна едка хуманитарната ситуација во Газа е се‘ полоша и мора да биде обезбеден сигурен пристап на хуманитарна помош. Борбите во Појасот Газа уште еднаш покажаа дека околностите во тесниот појас, населен од 1,8 милиони жители и владеан од радикално-исламската организација Хамас, се неиздржливи:
„Ние, веднаш штом за тоа ќе постојат услови, сме подготвени на соработка во наоѓање се‘опфатно и трајно решение, кое ги вклучува и хуманитарните, како и економските потреби и безбедноста на Израелцитеи Палестинците“, изјави Ештон во името на 28-те министри.
Овој став на ЕУ гласи речиси идентично со претходните конфликти во Газа во ноември 2012 година и во јануар 2009 година, кога Израел навлезе во Газа по ракетните напади од Хамас кон израелска територија, за да ги уништи позицииите на милитантните Палестинци. И денес, како и тогаш, ЕУ во Хамас гледа терористичка организација, со која нема директни контакти и директни преговори. Според изјава на портпарол на Ештон, ЕУ веќе започнала разговори со сите страни во конфликтот за да сондира како може најдобро да помогне по најновите борби:
„Решавачко е затоа новата палестинска влада да ја преземе контролата и врз Појасот Газа и да запрат внатрешните кавги“, изјави Себастијан Брабант за Дојче веле.
Само индиректна помош, заради заобиколување на Хамас
Ако палестинските автономни власти на умерениот претседател Махмуд Абас ја имаат контролата и над Појасот Газа, на ЕУ би и‘ било многу поедноставно да ја распредели својата помош на теренот и да врши контрола на употребата. Во моментов ЕУ преку заобиколни патишта плаќа дел од платите и пензиите за владините службеници во Појасот Газа и еден вид помош за животна издршка на многумина жители на Појасот Газа. Но, тоа може да го прави само преку трета страна, зашто директна исплата на Хамас е исклучена. Овие парични дознаки, како што истакнуваат во Европската комисија, е тешко да се контролираат, што веќе доведе до укор од Европскиот ревизиски суд. Тој во декември 2013 година констатира дека ЕУ исплаќа плати на владини соработници во Појасот Газа, кои воопшто не работат. Европскиот ревизиски суд препорача итно укинување на оваа програма за помош, што меѓутоа не се случи.
ЕУ веќе со години се обидува, преку финансирање различни проекти во областа на снабдувањето со вода и инсфраструктурата, да постигне подобрување на условите за живот на населението во Газа. Еден голем дел од средствата за Појасот Газа ЕУ ги плаќа директно на специјалната организација на ОН за помош на Палестинците, УНРВА. Таа, за разлика од ЕУ, работи директно во Појасот Газа и води училишта, болници и лиферува храна на оние на кои им е потребно. Според информации од ОН, мнозинството жители на Појасот Газа се зависни од овие пратки.
„Илјадници луѓе се наоѓаат во екстремна ситуација. Ескалацијата на насилство само ја влоши хуманитарната криза, која во Газа е присутна веќе десет години“, изјави генералниот секретар на УНРВА, Пјер Крахенбул вчера (06.08.2014). ЕК годишно издвојува околу 450 милиони евра од заедничката ЕУ-каса за помош на Палестинците на Западниот Брег и во Појасот Газа. Кон тоа доаѓа уште толкава сума од одделните држави-членки на ЕУ. Покрај ЕУ, САД се најголемиот поединечен донатор за Палестинците.
Третата обнова нема да биде лесна
Уште одамна во Европскиот парламент постои критика на финансиската помош која не е поврзана со никакви политички услови. Холандскиот пратеник Геофри ван Орден праша на пример, за време на последната дебата во јули, дали за многуте милијарди евра помош платени последните години, не може да се очекува противуслуга. Портпаролот на Ештон, Брабант, не може да одговори на ова политичко прашање. Но, тој за Дојче веле истакнува-целта на ЕУ не е едноставно само третпат да го обновува Појасот Газа.
„Мораме да констатираме иницијална искра за стопанството во Газа, за да постои потраен социјално-економски развој за населението во Газа. За тоа се потребни политички рамки, но првенствено слободен пристап во Појасот Газа и слобода на движење на луѓето со земање во обзир на безбедносните интереси на Израел“.
Меѓународни трупи за Газа?
Себастијан Брабант алудира на олеснувањето на блокадата на Појасот Газа, на што постојано инсистира ЕУ. Египет и Израел речиси целосно ги затворија границите за патнички сообраќај откако Хамас пред седум години ја презеде власта во Појасот Газа. Преку малкуте гранични премини засега во Појасот Газа можат да поминат само прехранбени производи и градежни материјали под строги услови. Идејата за разоружување на Хамас со помош на меѓународни заштитни трупи, ЕУ досега постојано ја отфрлаше. ЕУ нема да учествува, изјави Ештон уште во 2012 година. На оваа идеја постојано инсистира Израел. За ова евентуално ќе се дискутра на следниот состанок на ЕУ-министрите за надворешни работи на крајот на август.
„Меѓутоа, мислам дека ЕУ и САД нема да застанат со свои трупи на линијата на фронтот“, вели Даниел Ц. Курцер, поранешен американски амбасадор во Израел за весникот „Лос Анџелес тајмс“. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот изјави дека демилитаризирањето мора да биде дел од решението.
И по најновиот конфликт во Појасот Газа, ЕУ цврсто опстојува на т.н. решение за постоење две држави.Себастијан Брабант не можеше да скицира нови политички идеи:
„Целта која има предност при нашата поддршка на автономните палестински власти останува: напредување во мировниот процес и основање палестинска држава способна да преживее, која ќе постои паралелно со Израел, во мир и безбедност.“
ЕУ би била подготвена исто така под одредени услови повторно да ја преземе контролата над граничниот премин Рафа кон Египет, ангажирајќи се со свој персонал на теренот. ЕУ-граничната мисија ЕУБАМ беше прекината во 2007 година по преземањето на власта во Појасот Газа од страна на Хамас.