1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и САД: Ова е време за дијалог, а не за насилство

КБ
27 април 2017

Апелираме сите да се воздржат од потпалувачка реторика, а полицијата има одговорност за воведување на редот, порачаа вечерва во заедничка изјава амбасадорите на ЕУ и САД

https://p.dw.com/p/2c2Li
Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Ова е време за дијалог, а не за насилство, рече амбасадорот на Шведска во Македонија, Мат Стефансон, кој како највозрасен дипломатски претставник во земјава, ја даде изјавата во име на сите амбасадори на ЕУ, но и на САД. 
„Слушнавме вознемирувачки вести од Собранието кои резултираа со насилство и инциденти од страна на маскирани лица, напаѓајќи избрани претставници во парламентот. Ова е време за дијалог, а не за насилство. Апелираме сите да се воздржат од потпалувачка реторика, и апелираме дека полицијата има одговорност за воведување на редот“, порачаа амбасадорите на ЕУ и САД.   
Вечерва и еврокомесарот Јоханес Хан го осуди насилството врз пратениците од парламентарното мнозинство преку Твитер: 
“Ги осудувам нападите врз членовите на Парламентот во Скопје со најсилни зборови. Насилството НЕМА место во Парламентот. Демократијата мора да продолжи по својот тек”, напиша Хан.

Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski


Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу вечерва не одговараат на новинарски прашања, исто како и директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинарите го повика Чавков да интервенира и да ги заштити новинарите во Собранието зошто тоа е негова должност, во спротивно ќе ја сноси целата одговорност. Вечерва демонстрантите искршија стативи и микрофони на неколку медиумски екипи.